Основниот граѓански суд Скопје денеска донесе решение со кое се усвојува предлогот на М-НАВ за изрекување на привремена мерка „забрана“ на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање, подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските, информираат од М-НАВ.
„Со оваа Одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос“, велат од М-НАВ.
Од таму ја нагласуваат својата определба за „почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во земјава“.
Струковиот синдикат на контролори на летање штрајкот го најави на 4 октомври, обвинувајќи го раководството на М-НАВ дека намерно блокира клучни кадровски решенија.
Видете и ова: М-НАВ по најавите за штрајк на контролорите на летање: Безбедноста не смее да се доведе во прашањеНеколку дена подоцна, на 9 ноември, се огласија и од М-НАВ, посочувајќи дека менаџментот го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк, но дека „секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање (и останатите вработени на други работни места) за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај“.
Менаџерскиот тим на М-НАВ, во соопштение до јавноста кажа дека останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и се подготвени да ги разгледаат реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања.