ОН: Во конфликтите меѓу Пакистан и Авганистан загинаа најмалку 18 лица, а 360 се повредени

Чад од експлозиите во Кабул, 15 октомври 2025 година, среде жестоки гранични судири меѓу Авганистан и Пакистан

Најмалку 18 лица се убиени, а повеќе од 360 се ранети во воените судири меѓу Пакистан и Авганистан од 10 октомври, соопшти Мисијата на ОН за помош во Авганистан (УНАМА) во четврток.

„УНАМА ги повикува сите страни трајно да ги прекинат непријателствата со цел да ги заштитат цивилите“, соопшти таа, објави Ројтерс.

Привременото примирје стапи на сила во среда.

Пакистанското Министерство за надворешни работи нагласи дека двете страни ќе вложат искрени напори за наоѓање позитивно решение за сложените проблеми што можат да се решат преку дијалог. Тензиите на границата меѓу Авганистан и Пакистан ескалираа во вооружен конфликт во текот на претходниот викенд.

Видете и ова: Авганистан и Пакистан договорија прекин на огнот по смртоносните воздушни напади и копнени борби

Насилството предизвика стравувања од тотална војна меѓу Пакистан и авганистанските талибанци, долгогодишни сојузници чии односи се влошија.

Исламабад ги обвинува авганистанските талибанци дека ја засолнуваат екстремистичката група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), која предводи бунт во Пакистан. Авганистанските талибанци, кои ја презедоа власта во 2021 година, ги негираат обвинувањата.

Цивили од двете страни на границата рекоа дека неодамнешните борби ги принудиле некои од нив да ги напуштат своите домови поради страв од поширока војна.