Литванија ќе го надмине прагот од 5 отсто за трошоци за одбрана

Премиерката на Литванија, Инга Ругиниен, 26 август 2025 година.

Литванија ќе ги зголеми своите трошоци за одбрана следната година на 5,38 проценти од Бруто-домашниот производ (БДП), изјави премиерката Инга Ругиниене преминувајќи го прагот од пет отсто што го побара американскиот претседател Доналд Трамп од земјите - членки на НАТО, јави агенцијата АФП.

Износот, „рекордна бројка“, ќе биде вклучен во буџетот на владата за 2026 година, изјави Ругиниене пред новинарите при објавувањето на планот за трошоци, што треба да биде доставен до парламентот.

Зголемувањето е поттикнато од влошената безбедносна состојба на источното крило на НАТО, по руската инвазија на Украина во 2022 година.

За оваа година, балтичката земја за одбрана издвои 4,05 проценти од својот бруто домашен производ, или 3,34 милијарди евра (3,88 милијарди долари).

„Се движиме со исто темпо како и нашите соседи и стратешки партнери, бидејќи сите разбираат дека нашиот регион... денес мора да посвети големо внимание на одбраната“, рече премиерката на Литванија.

Таа кажа дека ова не вклучува само воени трошоци, туку и инвестиции во инфраструктура, вклучувајќи патишта што водат до воени кампови за обука.

Видете и ова: Хегсет: Одвраќањето и одбраната на НАТО не може да бидат одговорност само на САД

Соседна Естонија се согласи да ја исполни целта од пет проценти следната година, додека Латвија издвои 4,9 проценти од БДП, според предлогот за буџетот за 2026 година.

Полска, најголемата земја на источното крило на НАТО, исто така ќе ги зголеми своите трошоци за одбрана следната година, на 4,8 проценти од БДП.

Во јуни, Алијансата од 32 земји се согласи масовно да ги зголеми трошоците за одбрана на пет проценти од БДП во текот на следната деценија под притисок на Трамп.

Сепак, тие постигнаа компромис во кој тој вкупен износ може да ги вклучи трошоците поврзани со безбедноста, како што е критичната инфраструктура.

Повеќе од една четвртина од земјите на НАТО останаа под претходната цел од два проценти во 2024 година, според најновите проценки на Алијансата.