Израел им соопшти на Обединетите нации дека ќе дозволи влез само на половина од договорениот број камиони со помош во Газа

Камиони што превезуваат помош го преминуваат граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа, откако стапи на сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, на 12 октомври 2025 година.

Израел им соопштил на Обединетите нации дека од среда ќе дозволи влез на само 300 камиони со хуманитарна помош во Појасот Газа, што е половина од договорениот број и дека нема да дозволи влез на гориво или гас во енклавата, освен за специфични потреби поврзани со хуманитарната инфраструктура - објави Ројтерс повикувајќи се на белешка која е потврдена од страна на ОН.

Олга Черевко, портпаролка на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во Газа, потврди дека ОН ја примиле белешката од COGAT – одделот на израелската војска кој го надгледува протокот на помош кон Газа.

Одделот во петокот изјави дека очекува околу 600 камиони со помош дневно да влегуваат во Газа за време на примирјето.

Видете и ова: Трамп и лидерите од Блискиот Исток потпишаа документ за мир во Газа

Во белешката од COGAT се наведува дека овие ограничувања се воведуваат затоа што „Хамас го прекршил договорот во врска со предавањето на телата на заложниците“.

Камионите со хуманитарна помош почнаа да влегуваат во Газа на 12 октомври, или два дена откако стапи на сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Како дел од планот на американскиот претседател, Доналд Трамп за завршување на војната во Газа, Хамас во понеделникот ги ослободи последните 20 преживеани заложници што ги држеше по две години заложништво во Газа.