Европската унија го поздрави мирниот изборен процес на Косово и фактот што првиот круг од локалните избори на 12 октомври беше конкурентен со учество на сите заедници.
„За општините каде што градоначалниците беа избрани во првиот круг, повикуваме на брза сертификација и спроведување на резултатите од изборите преку уредна транзиција на локалната власт. За останатите општини, каде што ќе се одржи втор круг избори за градоначалник, повикуваме на слично мирно, конкурентно и инклузивно спроведување на 9 ноември“, изјави за Радио Слободна Европа портпаролката на ЕУ, Анита Хипер.
Од ЕУ напоменуваат дека во моментов на Косово престојува нивна мисија на експерти на покана од претседателката Вјоса Османи, која го набљудува изборниот процес и која на крајот ќе даде оцена за истиот.
„Извештајот на Мисијата на ЕУ за набљудување на изборите (EOM) на Косово од мај 2025 година истакна неколку случаи на мешање за време на општите избори одржани во февруари 2025 година. Очекуваме сите страни да се воздржат од такви постапки за време на изборниот период“, посочи Хипер.
Видете и ова: Трката за градоначалници во Косово заврши во 21 од 38 општини во првиот кругПретседателката на Косово, Вјоса Османи, и вршителот на должност премиер, Албин Курти, ја обвинија Србија дека се меша во изборниот процес на Косово преку „подмитување“ на српската заедница да гласа за Српската листа, и упатија повик до ЕУ да реагира.
Официјален Белград ги негираше овие обвинувања.
ЕУ не одговори конкретно на прашањето на Радио Слободна Европа дали има сознанија дека Србија се меша во изборниот процес на Косово.
Сепак, набљудувачката мисија на ЕУ за парламентарните избори во февруари констатирала дека руските државни медиуми RT Балкан и Спутник Србија, поддржани од Кремљ, објавиле десетици содржини за изборите на Косово за време на предизборната кампања со „манипулативна содржина“ насочена кон српската заедница.
На изборите на 12 октомври гласале 39,58 отсто од над два милиони граѓани со право на глас.
Според податоците на Централната изборна комисија, на локалните избори во неделата во 21 општина е избран градоначалник во првиот круг, додека во останатите 17, вклучувајќи ја и Приштина, ќе се одржи втор круг.
Од општините со српско мнозинство, само во Клокот ќе има втор круг, додека во останатите девет победи Српската листа – најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград.