Владимир Блажев-Панчо од дуото ДНК почина по речиси седум месеци од трагедијата во Кочани во дискотеката „Пулс“. Информацијата ја објави приватната болница во која се лекуваше, а подоцна ја потврдија и од Јавното обвинителство од каде што соопштија дека ќе биде издадена наредба за обдукција на телото.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, Панчо се здоби со сериозни изгореници и повреди. Постапката која се водеше против него, како дел од истрагата за трагедијата во Кочани, беше времено прекината токму заради неговата здравствена состојба.
Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Видете и ова: По пожарот во Кочани сѐ повеќе луѓе бараат психијатриска и психолошка помош
Во пожарот загинаа и други членови на бендот: вокалот на ДНК Андреј Ѓорѓијески, клавијатуристот Филип Стевановски, беквокалистката Сара Пројковска, тапанарите Георги Георгиев и Александар Коларов, како и фотографот на групата Александар Ефремов.
Панчо беше единствениот преживеан од главната постава на ДНК, но со тешки изгореници и оштетување на трахеата поради вдишување на чад.
Пред неколку дена Кривичниот суд во целост го одобри обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тоа значи дека за најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија ќе има судски процес и на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб.