Вучиќ по средбата со руските претставници - Србија нема да се соочи со недостиг од нафта

Илустративна фотографија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 13 октомври изјави дека нема да има голема енергетска криза во Србија поради воведувањето на американските санкции врз Нафтената индустрија на Србија (НИС).

Тој ги даде овие забелешки по средбата со претседателот на одборот на „Газпром Нефт“, Александар Дјуков, и рускиот заменик-министер за енергетика, Павел Сорокин.

„Нема да има недостиг од нафта и нафтени производи“, рече Вучиќ во видео изјава на Инстаграм.

Тој додаде дека е задоволен од „отвореноста, конструктивноста и искреноста“ на разговорите.

Тој ги повика граѓаните да останат смирени.

Видете и ова: Менаџментот на Нафтената индустрија на Србија го претстави планот за работа во услови на санкции

Во изјава од 9 октомври, српскиот претседател, сепак, рече дека санкциите ќе имаат сериозни последици за Србија и дека без дополнителни приливи на нафта, рафинеријата може да работи до 1 ноември.

Санкциите на САД врз НИС стапија на сила на 9 октомври поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво.

Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.

Видете и ова: Вучиќ: Недостигот на долгорочен договор за гас со Русија е многу лоша порака за Србија

Мнозинскиот удел во НИС му припадна на рускиот „Газпром Нефт“ во 2008 година за 400 милиони евра.

Тоа беше дел од поширок енергетски пакет со Русија, кој вклучуваше изградба на гасоводот „Јужен тек“ низ Србија, кој никогаш не се реализираше и подоцна беше заменет со „Турски тек“.