Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата навести дека можеби ќе му дозволи на Киев да добие ракети со долг дострел „Томахавк“ доколку Русија не ја заврши војната против Украина, за што рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе биде голема ескалација.
„(Украина) би сакала да ги има „Томахавците“. Тоа е чекор напред“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ на пат кон Блискиот Исток за мировна конференција за Појасот Газа.
„Да, би можел да му кажам (на Путин) дека ако војната не се реши, многу лесно би можеле да го направиме тоа“, рече Трамп.
„Можеби нема, но би можеле да го направиме тоа... Дали сакаат „Томахавките“ да одат по нивна страна? Не мислам така“, додаде Трамп.
Вашингтон нема да ги продаде ракетите директно на Киев, туку наместо тоа би му ги понудил на НАТО, кој би можел да плати за нив и да ги испрати во Украина како дел од претходно објавена програма.
Видете и ова: Трамп ја поздрави „историската зора“ на Блискиот Исток и повика на фокус кон РусијаРакетите „Томахавк“ имаат дострел од 2.500 километри и можат да погодат длабоко во Русија, вклучувајќи го и главниот град Москва.
Путин на 2 октомври предупреди дека испораката на Томахавците ќе претставува „сосема нова фаза на ескалација“ меѓу Вашингтон и Москва.
Сепак, тој рече дека ракетите нема да претставуваат голема закана за неговата земја.
„Можат ли Томахавците да ни наштетат? Можат. Но, ние ќе ги собориме и ќе го подобриме нашиот систем за воздушна одбрана“, рече Путин.
Трамп потврди дека разговарал за ракетите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата во нивниот втор разговор за два дена.