Од 38 општини во Косово, во 21 трката за градоначалник заврши во недела(12 октомври) со гласање во првиот круг од локалните избори.
Трката заврши и во четири општини со српско мнозинство: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток. Таму победија кандидатите на Српската листа, најголемата српска партија во Косово, која има поддршка од властите во Белград.
Српската листа победи и во Нови Брдо, Штрпач, Грачаница, Ранилуг и Партес.
Во 17 општини, вториот круг од изборите ќе се одржи на 9 ноември.
Централната изборна комисија соопшти дека, според прелиминарните податоци, во првиот круг од локалните избори на Косово гласале 39,07 отсто од граѓаните.
„На претходните избори излезноста беше 43 отсто“ - изјави претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи.
Радониќи истакна дека на многу избирачки места е започнато броењето на гласовите за кандидатите за градоначалници.
По завршување на овој процес, ќе бидат пребројани и гласовите за членовите на општинските совети.
Невладини организации: Изборниот процес беше мирен и демократски
Коалицијата на невладините организации кои го следеа изборниот процес – Демократија во акција (ДнВ) – соопшти дека процесот поминал мирно и демократски.
Сепак, ДнВ посочи дека за време на гласањето имало одредени неправилности.
„Асистенцијата при гласањето беше многу изразена појава, каде што на многу гласачи – особено жени и млади – им помагаа нивни роднини и други лица. Дополнително, во многу случаи гласањето со асистенција воопшто не беше евидентирано во избирачките списоци“, се наведува во извештајот на ДнВ.
Видете и ова: Локални избори во Косово, на листите 206 кандидати за градоначалнициПромената на избирачките места исто така предизвика проблеми кај гласачите, а „голем број граѓани се вратија без да можат да гласаат, бидејќи нивните имиња не биле пронајдени во избирачкиот список“.
„Набљудувачите на ДнВ исто така идентификуваа присуство на промотивни материјали, постери и визит-картички во круг од 100 метри околу избирачките места, а во некои општини било забележано и организирано гласање за групи граѓани“, се наведува во соопштението по затворањето на избирачките места.
Коалицијата на невладини организации ги повика членовите на изборните комисии совесно да ги пребројуваат гласовите, а политичките партии трпеливо и мирно да ги почекаат официјалните резултати.
На локалните избори во сите општини во Косово, вклучувајќи ги и оние со српско мнозинство на северот од земјата, право на глас имаа 2.069.098 гласачи, додека околу 44.000 гласачи беа регистрирани за гласање од странство.