Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави во саботата дека новиот гасен аранжман што Русија ѝ го понудила на Србија – односно продолжување на постојниот само до крајот на годината – е „многу разочарувачка вест“ и „многу, многу лоша порака“.
Три години по почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е енергетски зависна од Русија.
Вучиќ, во телефонско вклучување во програмата на ТВ Информер, појасни дека очекувал потпишување на тригодишен договор за снабдување со гас уште во мај, и дека српската страна во преговорите била „повеќе од фер и чесна“.
„Тие со тоа сакаат да ни порачаат: 'ако вие тргнете кон национализација на НИС или било што друго, ние можеме да го прекинеме гасот на 31 декември'. И тоа за мене е многу, многу лоша порака во секој поглед, не затоа што планиравме национализација – бидејќи ако навистина планиравме, сè уште немаше да имаме санкции“, изјави Вучиќ.
Видете и ова: Започна примената на американските санкции против српската нафтена индустријаПримената на американските санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС) започна во четврток, на 9 октомври.
НИС беше ставена на листата на санкции на САД поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради мнозинското руско сопствеништво.
Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување на финансирањето на војната во Украина, преку парите што доаѓаат од руските енергетски компании.
Според тврдењата на Вучиќ, американски претставници му предложиле Србија да го национализира НИС и на тој начин да ги избегне санкциите, но тој, како што вели, го одбил тој предлог.
„Тоа е последното нешто што можеме и сакаме да го направиме“, изјави тој.
Претседателот на Србија исто така рече дека државата ќе „преземе мерки“ поради санкциите кон НИС, а дека во понеделник ќе ѝ изнесе на руската страна „нови идеи“ поврзани со санкционираното претпријатие. Не прецизираше за што точно станува збор.
Видете и ова: Знаеле ли службите за рускиот паравоен камп во Србија?Претходно беше објавено дека Вучиќ ќе се сретне со Александар Ѓуков, претседател на Извршниот одбор на Газпром њефт — руската компанија која во моментов има 44,9% удел во НИС.
Министерката за енергетика: Од руската страна не слушнавме ниту план ниту програма за НИС
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави во саботата дека ден претходно бил одржан вонреден состанок на Одборот на директори на НИС, по иницијатива на српските членови на одборот, но дека при таа прилика не бил претставен планот на менаџментот за работењето на компанијата.
„Очекувавме да слушнеме каков е планот на менаџментот и на компанијата за работењето во наредните три, четири, пет или шест месеци. За жал, тој план не го слушнавме. Не слушнавме ниту план, ниту програма. И тоа е загрижувачки“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Во гостување на Радио-телевизијата Србија (РТС), таа рече дека Србија во наредните денови очекува да го слушне „планот на руските партнери“.
„Претходно разговаравме со руските партнери, нивниот план беше да чекаат да заврши војната (во Украина), да дојде до договор (меѓу Русија и САД), што би влијаело на санкциите, но сведоци сме дека тоа не се случи, санкциите се воведени“, рече таа.
На прашањето дали веќе се трошат домашните резерви на гориво, Ѓедовиќ Хандановиќ рече дека очекува нова испорака од 50.000 тони деривати кои веќе се платени, дека има доволно резерви и дека граѓаните не треба да се грижат.
Амбасадорот на Русија: Ќе направиме сè за граѓаните да не ги почувствуваат последиците
Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан-Харченко, изјави дека Русија е свесна дека санкциите кои САД ги воведоа кон НИС претставуваат сериозен проблем, но дека „ќе направат сè“ граѓаните да не ги почувствуваат последиците и енергетската безбедност на Србија да не биде загрозена.
„Свесни сме дека (санкциите) ќе донесат одредени потешкотии во работењето на НИС, но ќе направиме сè ситуацијата да се реши на најдобар можен начин“, изјави тој во интервју за весникот Политика.
Амбасадорот на Русија рече дека компанијата ги презела сите неопходни мерки и се подготвила за вакво сценарио, дека има доволно резерви, така што не се очекуваат сериозни нарушувања на пазарот, ниту недостиг од гориво.
„Сигурен сум дека и оваа зима во домовите во Србија ќе биде топло, без разлика на сите потешкотии што ги носат санкциите“, рече Боцан-Харченко.
Тој додаде и дека односот на Русија кон Србија и „личното разбирање“ меѓу Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин, прават да „ова не е само ’капка во морето’, туку стратешко партнерство и одговорност“.
Официјален Белград ни три години по почетокот на руската инвазија врз Украина не се усогласи со западните санкции против Москва, и покрај повиците и предупредувањата од Европската унија, кон чие членство Србија тежнее, и од Соединетите Американски Држави.
Зависноста од руските енергенси беше еден од клучните аргументи за ваквиот став.