Конституирано собранието на Косово, Ненад Рашиќ избран за потпретседател и покрај противењата на Српската листа

Ненад Рашиќ

Со изборот на Ненад Рашиќ за потпретседател на косовското собрание заврши конституирањето на овој законодавен орган. Речиси осум месеци по изборите, сега кога Косово конечно има нов состав на Собранието, со избран претседател и потпретседатели, отворен е патот за следниот чекор во формирањето на новите институции.

На изборот на Рашиќ регираа од Српската листа која инсистира дека само нејзините пратеници имаат право да бидат избрани за потпретседател од редовите на српската заедница, бидејќи тие ја претставуваат волјата на мнозинството од српската заедница.

Претседателот на Собранието на Косово, Димаљ Баша, ги отфрли критиките за начинот на кој е конституирано ова законодавно тело, велејќи дека постапката за избор на Ненад Рашиќ за потпретседател била „целосно регуларна“.

Тој објасни дека откако сите девет кандидати на Српската листа биле ставени на гласање три пати и не обезбедиле гласови, а останал само еден кандидат, Ненад Рашиќ од друга српска партија, „бил принуден да и понуди еднаква можност и таа партија“.

Видете и ова: Косовскиот Уставен суд : Собранието не е конституирано, гласањето во пакет не е дефинирано со Уставот

Конституирањето на Собранието значи дека претседателот на земјата, како што е пропишано со закон, сега може да назначи претставник за формирање нова влада.

Претседателката Вјоса Османи сега има законска обврска да ја назначи победничката партија или коалиција (во овој случај коалицијата предводена од движењето Самоопределување, заедно со движењата Гуџо и Алтернатив), како мандатар за формирање на нова Влада.

Предложениот кабинет мора да обезбеди најмалку 61 глас во Собранието од вкупно 120 пратеници за да биде усвоен.

Со 48 мандати освоени на изборите на 9 февруари, движењето Самоопределување не може самостојно да го обезбеди потребното мнозинство без коалициски партнер.

Во случај таа да не собере 61 глас, претседателката Османи има обврска да ги покани партиите на консултации во рок од десет дена и да одлучи за кандидатот кој има најголеми шанси да формира влада.

Потоа, носителот на мандатот има дополнителни 15 дена да го достави новиот состав на кабинетот до Собранието.

Доколку, дури и по вториот обид, владата не успее да се формира, Османи, според Уставот, мора да го распушти Собранието и да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена.