Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките во Србија по стапувањето во сила на американските санкции против српската нафтена индустрија (НИС), изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Бидејќи МОЛ игра важна улога во снабдувањето со сурова нафта и гориво за Србија, нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемени испораки од МОЛ“, рече Сијарто во објава на социјалните мрежи, пренесува Ројтерс.
Според него, ова зголемување нема да може целосно да го замени недостатокот на испораки од Хрватска.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четврток изјави дека реалната проценка е дека рафинеријата во Панчево може да работи до 1 ноември без дополнителен прилив на нафта, додавајќи дека кога станува збор за гориво, нема да има проблеми до Нова Година.
За време на своето обраќање до граѓаните, по повод воведувањето на американските санкции врз НИС, Вучиќ рече дека овој период може да биде подолг за пет или седум дена, но тешко дека би бил подолг од тоа.
Видете и ова: Започна примената на американските санкции против српската нафтена индустријаОд јануари, кога НИС беше ставен на листата на санкционирани компании, Соединетите Држави го одложија спроведувањето на санкциите осум пати, последниот пат до 8 октомври.
НИС беше ставен на листата на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот секундарен ризик, т.е. мнозинско руско сопствеништво.
Американските санкции имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руските енергетски компании.
Вучиќ претходно изјави дека Белград ќе разговара со Русија за решавање на санкциите против српската нафтена индустрија.