Процесот за враќање на надворешното напојување со електрична енергија на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина е започнат, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на 9 октомври.
Процесот започна по „интензивни консултации“ со властите во Украина и Русија, изјави Гроси во соопштението.
Нуклеарната централа е под руска контрола кратко време откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Таа се потпира на дизел генератори за итни случаи од 23 септември кога беа прекинати надворешните далноводи.
„Оттогаш Гроси соработува со Русија и Украина за предлози насочени кон овозможување на централата да ја добие електричната енергија однадвор што ѝ е потребна за ладење на своите шест исклучени реактори и потрошеното гориво“, се вели во соопштението на МААЕ.
Фокусот е ставен на создавање на потребните безбедносни услови за поправки што треба да се извршат на оштетените делови од два далноводи лоцирани на спротивните страни од фронтовската линија во близина на електраната.
„Иако ќе биде потребно извесно време пред да се обнови поврзувањето со мрежата на нуклеарната централа Запорожје, двете страни се ангажираа со нас на конструктивен начин за да се постигне оваа важна цел заради нуклеарната безбедност“, рече Гроси во изјавата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ситуацијата во нуклеарката во Запорожје е „критична“ бидејќи работи на генератори за итни случаи
Секоја страна редовно ја обвинува другата за воени дејствија што ја загрозуваат нуклеарната безбедност, а Гроси постојано предупредуваше за ризикот од нуклеарна несреќа предизвикана од борбите во близина на централата.
Нуклеарните реактори на централата се затворени, но централата сè уште има потреба од електрична енергија за одржување на безбедносните функции како што е ладењето на реакторите.
Руската државна нуклеарна корпорација Росатом претходно изјави дека сака да ја рестартира централата. Но, претходно на 9 октомври, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков беше цитиран од Интерфакс дека изјавил дека засега нема основа за нејзино рестартирање во отсуство на надворешен извор на енергија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изрази загриженост за ситуацијата во нуклеарната централа Чернобил во северна Украина откако нападот со беспилотни летала врз блискиот град Славутич ја прекина струјата во деактивираната централа три часа.
„Чернобилската централа, местото на најлошата нуклеарна несреќа во светот, останува без надворешен далновод“, рече Гроси во изјавата од 9 октомври.
Украина соопшти дека централата се снабдува од други извори на енергија.