Израелската влада синоќа(9 октомври) го одобри договорот со кој Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници во Газа, соопшти Кабинетот на премиерот.
Со усвојувањето прекинот на огнот стапи во сила.
Ослободувањето на заложниците, во замена за околу 2.000 палестински затвореници и делумно повлекување на израелската армија (ИДФ), претставува прва фаза од мировниот план за Газа на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Повеќето министри од кабинетот гласаа во корист на договорот, вклучувајќи го и министерот Офир Софер од крајнодесничарската партија Религиозен ционизам на министерот за финансии Безалел Смотрич, чии останати министри беа против договорот.
Против гласаа и сите членови на ултранационалистичката партија Оцма Јехудит.
Видете и ова: Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од мировниот договор за ГазаИзраелските одбранбени сили (ИДФ) сега ќе се повлечат на нови линии во рамките на Појасот Газа, задржувајќи распоред што контролира околу 53 проценти од територијата на Газа, по што ќе почне 72-часовниот период во кој Хамас треба да ги ослободи сите заложници.
Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен напор за запирање на војната што се разви во регионален конфликт, вовлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан во конфликт и преобликувајќи го Блискиот Исток.