Управителот и сопственик на фирмата „Марковски компани“, кој е и почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија, Борче Марковски, и еден од поранешните раководители во РЕК Битола, добија куќен притвор.
Мерката им ја определи Основниот суд во Битола, откако битолското Основно јавно обвинителство (ОЈО) отвори истрага за злоупотреби со јавни набавки и за двајцата бараше најстрога мерка – ефективен притвор. Сепак, судот се одлучил за поблагата мерка, а обвинителите најавуваат жалба.
„Надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор“, велат од ОЈО Битола.
Видете и ова: Отворена истрага за тендер на „Марковски компани“ во РЕК БитолаИстрагата за злоупотреби со тендер во РЕК Битола опфаќа вкупно осум лица и една фирма – „Марковски компани“.
Станува збор за тендер распишан во 2023 година кој е поврзан со дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во производните единици „Рудници“ во РЕК Битола, а за којшто ОЈО Битола тврди дека бил наместен за „Марковски компани“. Тендерот тежел 106,2 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.
Меѓу осомничените се уште еден вработен во компанијата, како и поранешен директор на РЕК Битола и други бивши раководни лица во комбинатот.
Покрај притворот за Марковски и еден од раководителите, обвинителството бараше на тројца од осомничените да им се одземат пасошите и да се пријавуваат повремено во судот.
Ексдиректорот на РЕК Битола, пак, веќе се наоѓа во притвор како осомничен во друга постапка, додека за уште едно раководно лице осомничено во случајот со „Марковски компани“ исто така на сила се други мерки на претпазливост во друга истрага.