Нови санкции од САД, опфатени и кинеско пристаниште и рафинерија за нафта

Министерството за финансии го намалува текот на парите за Иран, вели американскиот министер за финансии, Скот Бесент, по последниот сет санкции.

Министерството за финансии на САД соопшти дека вовело санкции против повеќе од 50 лица, компании и бродови поврзани со нафтениот сектор на Иран, засилувајќи ја репресијата врз клучниот извор на приходи за Техеран.

Санкциите се насочени кон лица кои помагаат во олеснувањето на иранските испораки на течен нафтен гас, а вклучуваат и кинеско пристаниште и рафинерија за нафта, соопшти Министерството, пренесе новинската агенција АФП.

Ваквиот потег доаѓа неколку недели откако Обединетите нации најавија т.н. „брзи санкции“ против Иран поради неговите нуклеарни и ракетни програми, продлабочувајќи ја меѓународната изолација на Техеран.

„Министерството за финансии го намалува текот на парите за Иран со демонтирање на клучните елементи од иранската машинерија за извоз на енергија“, изјави американскиот министер за финансии, Скот Бесент.

Видете и ова: Иранската валута на рекордно ниско ниво додека американската стратегија за „максимален притисок“ го зема својот данок

На листата санкционирани е и „Шандонг Џинченг Петрохемикал Груп“, кинеска рафинерија за која американското Министерството наведува дека од 2023 година купила милиони барели иранска нафта.

Министерството, исто така, ја санкционираше и компанијата што управува со терминалот за сурова нафта „Рижао Шихуа“ во пристаништето Ланшан, обвинувајќи ја фирмата дека прифатила десетина бродови што превезуваат милиони барели иранска нафта.

Ова е четврт сет санкции од Министерството за финансии на САД кои се насочени кон кинески рафинерии откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на власт во јануари оваа година.

Стотици поединци, компании и бродови претходно беа санкционирани поради нивните врски со Иран како дел од кампањата на американската администрација за „максимален притисок“.

Потегот на Министерството за финансии значи дека сиот имот и уделите во имоти што ги имаат санкционираните ентитети се блокирани. Сите компании што се во директна или индиректна сопственост на некое од санкционираните лица се исто така блокирани, соопшти Министерството.