Отворена истрага за тендер на „Марковски компани“ во РЕК Битола

РЕК Битола

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола отвори истрага за злоупотреби со јавни во Рударско енергетскиот комбинат (РЕК) – Битола, подружница на Електрани на Северна Македонија.

Станува збор за тендер од 2023 година што е поврзан со дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во производните единици „Рудници“ во РЕК Битола.

Тендерот кој е предмет на истрага тежел 106,2 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.

Во истрагата опфатени се осум лица и една фирма, која како што соопшти и Управата за финансиска полиција, е „Марковски компани“. Меѓу осомничените се нејзиниот управител и сопственик, Борче Марковски и еден вработен во компанијата.

Борче Марковски во јавноста е познат и како почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија.

Видете и ова: Марковски компани: Тајните релации Битола-Белорусија виа Белград

Со истрагата се гонат и петмина службени лица од РЕК Битола – еден поранешен директор и четворица бивши раководители и директори во производните единици „Рудници“ во рамки на комбинатот.

Службените лица од РЕК Битола се товарат за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања, а тројца од нив и за измама во службата.

„При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери“, велат од ОЈО Битола.

Обвинителството наведе и дека иако дел од осомничените службени лица знаеле дека компанијата добитник на тендерот не ги извршила договорените обврски, тие потпишувале записници и извештаи за извршена работа со кои потврдувале дека „комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола“.

Бизнисменот Борче Марковски, еден вработен и компанијата како правно лице, пак, се осомничени за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.

„Правното лице, сопственикот и управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ“, велат од ОЈО Битола.

Обвинителството, како што најави, ќе достави предлог до судот да се определи притвор за две лица – сопственикот на „Марковски компани“ и еден од раководителите во РЕК Битола. За двајца други раководни лица од комбинатот и за вработениот во Марковски компани ќе бара одземање на пасошите и повремено јавување во судот.

„Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент“, додаваат од битолското Обвинителство.

За случајот се огласија и од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наведувајќи дека никој од актуелното раководство во РЕК Битола не бил приведен во истрагата туку станува збор за лица од поранешното раководство и побараа „целосно расветлување на случајот“ и „утврдување на фактичката состојба“.

Како што пишуваше Радио Слободна Европа претходно, „Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Марковски компани“ најголем „копач“ на тендери

Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата РЕК Битола. За пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

Сопственикот Борче Марковски, стана почесен конзул на Белорусија во 2016 година поради „добрите економски релации со оваа земја“.

Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.

Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.