Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за доверба

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска(9 октомври)преживеа уште две гласања за доверба, при што за разлика од претходното гласање пред три месеци, овојпат еврокомесарката ја поддржаа малку повеќе пратеници.

Два одделни предлози за недоверба беа поднесени од крајно левичарските и крајно десничарските групи, Левица и Патриоти за Европа.

За предлогот на Левица гласаа 133 пратеници, 383 беа против, а 78 беа воздржани.

Вториот предлог поднесен од Патриотите за Европа беше отфрлен со 179 гласови „за“, 378 „против“ и 37 воздржани.

Најголемите критики на овие две парламентарни групи се однесуваа на трговските договори на Европската Унија со Соединетите Држави и јужноамериканскиот блок Меркосур, недостигот на транспарентност и одговорност и неактивноста во врска со војната на Израел во Појасот Газа.

Ова е втор пат за помалку од три месеци пратениците од опозицијата во Европскиот парламент да побараат гласање за доверба на претседателот на Европската Комисија.

Видете и ова: Десницата и левицата поднесоа иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата

Претходното барање за гласање недоверба го поднесе романскиот десничарски пратеник Георге Пипереа од групата на Европските конзервативци и реформисти, меѓу другото, поради тајната преписка меѓу Фон дер Лајен и директорот на Фајзер, Алберт Бурла околу испораката на вакцини во ЕУ во 2001 година за време на пандемијата на коронавирусот.

Во тоа време, 175 пратеници го поддржаа предлогот, додека 360 гласаа против.

За гласање недоверба, треба да гласаат две третини од членовите на Европскиот парламент, што е невозможно да се постигне без поддршка од дел од политичките групи на центарот - Европската народна партија, на која припаѓа Фон дер Лајен, социјалистите и демократите, и групата Обнови ја Европа, која ја поддржува Европската Комисија.