Вадефул: Без напредок кон ЕУ, Западен Балкан ризикува силно влијание од Русија и Кина

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Западен Балкан е дел од европското семејство, но дека во регионот расте недовербата дека во блиска иднина ќе стане дел од Европската Унија, што, како што предупреди, носи опасност од „враќање во старите времиња на непријателства и зголеменото влијание на Русија и Кина“.

„Западен Балкан е дел од европското семејство. Затоа за нас е јасно: патот кон ЕУ ќе го поминеме заедно со шесте земји од регионот“, изјави Вадефул во пресрет на министерскиот состанок за Западен Балкан во замокот Хилсборо кај Белфаст, соопшти германското Министерство за надворешни работи.

На состанокот, покрај министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан, учествуваат и министри или високи претставници од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други држави.

Дводневниот министерски состанок се одржува во рамки на Берлинскиот процес и има за цел да го подготви самитот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон на 22 октомври.

Видете и ова: ЕУ одобри осум милиони евра за Северна Македонија од Инструментот за раст за Западен Балкан

Вадефул оцени дека токму Берлинскиот процес е „катализатор во процесот на приближување на државите од Западен Балкан кон Европската Унија“ и дека оваа негова улога „денес е поважна од кога било“.

„Луѓето почнуваат да ја губат довербата во можноста за скоро членство во ЕУ. Тоа не смееме да си го дозволиме, бидејќи тогаш се заканува враќање во времиња на непријателства и засилено влијание на Русија и Кина“, рече Вадефул и нагласи дека улогата на Берлинскиот процес е и да ја поттикне секојдневната соработка и да донесе видливи подобрувања во животите на граѓаните.

Видете и ова: Кос: Најмалку една земја кандидат ќе стигне до „финишот“ во следните пет години

Берлинскиот процес е иницијатива на Европската Унија (ЕУ), започната во 2014 година по иницијатива на Германија, со цел да ја зајакне регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан и да им помогне на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Состанокот се одржува симболично во замокот Хилсборо, каде што во 1998 година владите на Обединетото Кралство и Република Ирска го потпишаа Договорот од Белфаст, познат и како Договорот на Велики петок, со кој во голема мера беше ставен крај на северноирскиот конфликт.