Менаџерскиот тим на М-НАВ денеска реагираше околу најавите за штрајк и „затворањето на небото“ на 20 и 24 октомври, кое претходно го најави Струковиот синдикат на контролорите на летање.
„М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија. Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани“, се наведува во соопштението.
Менаџментот го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените, но нагласуваат дека секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран, така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај.
„Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата“, посочуваат од Менаџерскиот тим на М-НАВ.
Од М-НАВ остро ги негираат како „сензационалистички и неточни“ изјавите од раководството на струковиот синдикат, кој посочи дека состојбата во претпријатието е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.
„Повторуваме дека ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Тасевски: Немаме ниту еден функционален радар на скопскиот аеродромМенаџерскиот тим на М-НАВ, како што посочуваат во соопштението, останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и се подготвени да ги разгледаат реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Оттаму додаваат дека сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите.
Од Синдикатот на контролорите за летање претходно информираа дека целта на штрајкот не е блокирање на системот, туку воспоставување професионален и одржлив начин на функционирање во М-НАВ, каде што ќе се вработува само неопходен стручен кадар, а не по партиска линија.
Тие меѓудругото бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.