Уставниот суд на Косово на 8 октомври ја објави целосната одлука по жалбата поднесена од Српската листа - најголемата српска партија во Косово - во врска со конституирањето на Собранието.
Во одлука објавена неколку дена претходно, судот прогласи дека Собранието не е конституирано и им даде на пратениците 12 дена да го завршат процесот, од денот кога целосната одлука ќе биде објавена на неговата веб-страница.
Косовското собрание за РСЕ/РЛ изјави дека пресудата ги обврзува партиите да закажат седница во рок од 48 часа.
„Судот потсетува дека уставните одредби, Деловникот на Собранието и судската пракса на Судот не подразбираат никаква обврска за пратениците да гласаат во пакет за потпретседателите на Собранието, без разлика дали се тие предложени од 3 (три) најголеми парламентарни групи или заедници кои не го сочинуваат мнозинството. Во овој контекст, бидејќи гласањето во пакет не е изречно утврдено со Уставот, тоа може да се спроведе доколку постои договор меѓу парламентарните групи или пратениците“, се наведува во целосната одлука.
Судот, меѓу другото, наведува дека „врз основа на парламентарната пракса за избор на потпретседатели од редот на пратениците на заедниците кои не го сочинуваат мнозинството, од 2011 година, потпретседателите од редот на пратениците на заедниците кои не го сочинуваат мнозинството се гласаат и избираат во пакет. Затоа, Судот оценува дека таквата постапка за гласање останува на дискреционо право на пратениците и пратеничките групи, под услов да се спроведе избор на членови на Претседателството на Собранието“.
Српската листа поднесе жалба токму за оваа точка од постапката, оценувајќи дека негласањето во пакет за двајца потпретседатели од малцинствата претставува кршење на законот.
Емилија Реџепи беше избрана за потпретседател на Собранието од несрпското малцинство, додека ниту еден српски пратеник не го доби потребниот број гласови за местото резервирано за тоа малцинство, и покрај неколкуте круга гласање со промени на кандидатите.
По прифаќањето на жалбата, Уставниот суд изрече привремена мерка со која им забрани на пратениците да преземат какви било дејствија за формирање нова Влада, бидејќи постоеше сомневање за кршење на Уставот.
Видете и ова: Курти ја обвини Србија дека се меша во изборите на КосовоЈасно стави до знаење дека Собранието не се смета за конституирано без избор на потпретседател на Собранието од српска националност.
Низ целата пресуда, Судот наведе дека, врз основа на Уставот и Деловникот на Собранието, потпретседателот на Собранието од српската заедница се избира со мнозинство гласови од сите пратеници на Собранието, односно 61 глас „за“, а предлогот се поднесува писмено од мнозинството пратеници од српската заедница.
„Од горенаведеното, Судот подвлекува дека предлогот за потпретседател на Собранието од редот на пратениците на заедниците што не го сочинуваат мнозинството, во конкретниот случај на српската заедница, треба да го поднесе мнозинството или најголемиот број пратеници од редот на пратениците на српската заедница“, се наведува во пресудата.
Во Собранието на Косово, Српската листа има девет места резервирани за српската заедница, а уште едно го освои Ненад Рашиќ од српската партија За слобода, правда и опстанок. Рашиќ е министер во владата на Албин Курти
„Застапеноста на немнозинските заедници во структурата на Претседателството на Собранието е уставна гаранција, така што немнозинските заедници, имено српската заедница и другите немнозински заедници, се вклучени во целосното функционирање на Претседателството на Собранието, овозможувајќи им да учествуваат во донесувањето одлуки на Претседателството на Собранието, на начин утврден со Деловникот за работа на Собранието“, наведува Судот, меѓу другото, во образложението на одлуката.
И покрај фактот дека поминаа неколку месеци од одржувањето на парламентарните избори, Косово сè уште нема нови институции. Најголемите албански партии не постигнаа договор за продолжување на процесот и како резултат на тоа, Уставниот суд беше принуден неколку пати да донесе пресуди.
На парламентарните избори, движењето Самоопределување освои најмногу гласови и 48 места во Собранието. Демократската партија на Косово е втора со 24 места, Демократскиот сојуз на Косово е трет со 20, потоа Српската листа со девет и коалицијата на Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива со осум. Останатите места ги држат малцинствата.
Меѓународната заедница постојано повикува на Косово што поскоро да формира нови институции.