Без напредок заврши вториот ден од преговорите во Шарм ел-Шеик за војната во Газа

Газа - Палестинци се собираат за храна од добротворна кујна во градот Нусејрат

Без никаков опиплив напредок заврши вториот ден од преговорите во Шарм ел-Шеик, насочени кон завршување на војната во Газа, според египетски безбедносни извори, јави агенцијата ДПА.

Разговорите се водат со учество на Катар под египетско посредништво.

Висок египетски безбедносен службеник запознаен со дискусиите за ДПА изјави дека „ситуацијата останува непроменета во споредба со првиот ден“, при што и делегациите на Израел и Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на САД и на ЕУ, цврсто стојат на своите позиции.

Изворот рече дека делегацијата на Хамас продолжува да бара цврсти гаранции дека Израел нема да ги продолжи воените операции по ослободувањето на заложниците, инсистирајќи дека војната мора целосно да се запре пред каква било размена, пренесе ДПА.

Според египетската телевизија „Ал Кахера њуз“, на списокот на затвореници чие ослободување Хамас го бара се наоѓаат истакнати палестински личности како Марван Баргути, Ахмед Саадат, Хасан Саламех, Абас ал-Сајед и други.

Видете и ова: Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

Хамас, исто така, побара разјаснување на механизмите и процедурите потребни за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и гаранции дека Израел нема да се врати на агресија врз Газа.

Се очекува американската делегација, предводена од Стивен Виткоф, да се приклучи на разговорите во среда, а медијаторите се надеваат дека американското учество ќе помогне во притисокот врз израелската страна да покаже флексибилност по клучните спорни точки - особено барањето за гаранции против обновен конфликт откако ќе бидат ослободени заложниците.

Хамас на 3 октомври соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател, објавен на 29 септември, и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.

Трамп го повика Израел „веднаш да го запре бомбардирањето на Газа“ за да дозволи ослободување на заложниците откако Хамас соопшти дека во голема мера го прифаќа планот.

Планот на САД вклучува прекин на огнот, ослободување на заложниците во рок од 72 часа, постепено повлекување на израелската војска од Газа, разоружување на Хамас и негово исклучување од власта и протерување на неговите борци од Газа.