Украина сака да го зголеми увозот на гас за 30 отсто по руските напади

Илустрација

Украина сака да го зголеми увозот на природен гас за 30 отсто по руските воздушни напади врз нејзината гасна инфраструктура, штета која украинската министерка за енергетика Свитлана Гринчук ја опиша како значителна, јави агенцијта Ројтерс.

Русија ги интензивираше нападите врз енергетскиот сектор на Украина во последните недели, а минатиот петок ги нападна главните гасни полиња на Украина, зголемувајќи ги стравувањата од можен недостиг на гас и потреба од значителен дополнителен увоз.

„Планираме да го зголемиме увозот за околу 30 отсто ако успееме да го прошириме нашиот капацитет за увоз“, рече Гринчук на брифинг за медиумите.

„Планираме да увезуваме во текот на најстудените месеци, иако приоритет сега е да се обезбеди увоз за октомври-декември и, доколку е потребно, за други месеци“, кажа таа.

Гринчук рече дека вкупниот обем на увоз ќе зависи од тоа колку брзо Украина може да го обнови производството на гас, колку интензивни и насочени ќе бидат руските напади и колку сериозна може да биде штетата врз системот за транспорт на гас.

„Колку побрзо можеме да го обновиме (производството), толку помалку ќе треба да увезуваме“, рече Гринчук, додавајќи дека зголемувањето на увозот на течен природен гас е една од можните опции за да се покрие недостатокот.

Видете и ова: Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади врз енергетската инфраструктура

Владата претходно изјави дека Украина планира да увезе 4,6 милијарди кубни метри гас во сезоната 2025/26, започнувајќи ја грејната сезона со околу 13,2 кубни метри гас во своите складишта.

Аналитичарите и поранешните функционери велат дека земјата веќе акумулирала околу 13 кубни метри резерви.

Украинската министерка за енергетика рече дека нејзиниот тим веќе разработил сценарија за дејствување во случај на руски напади и подготвил ограничувања за снабдување со гас на населението и индустријата, што не било направено во сите години од војната.

Русија редовно ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина од инвазијата во 2022 година.