Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, ја обвини Србија за мешање во локалните избори во Косово закажани за 12 октомври, со ветувања за работни места и финансиски бенефиции.
Курти оцени дека „неодамнешните активности“ на српскиот претседател Александар Вучиќ и други српски актери, државни и недржавни, „не можат да се окарактеризираат поинаку освен како мешање во процесот на локалните избори во Косово“.
„Ветувањата за работни места, привлекувањето гласачи со финансиска поддршка, условувањето и уцените со социјални бенефиции, како и изјавите на српските државни функционери дека само Српската листа ја штити Србија во Косово - како што неодамна изјави поранешниот српски премиер Милош Вучевиќ, а претходно и самиот претседател Вучиќ - претставуваат повторени методи на мешање на Србија во Косово“, рече Курти на седница на владата, на која беше одобрена помош од 100 евра за студентите по повод почетокот на новата академска година.
Тој ја повика Европската Унија да го осуди мешањето на Белград во изборите во Косово и да ја санкционира Србија за тоа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 5 октомври објави дека ќе биде распишан конкурс за 400 нови работни места во областа на здравството во Косово. Инаку, сите здравствени и образовни институции во српските заедници во Косово работат во рамките на српскиот систем и се финансираат од српскиот буџет.
„Ова е огромно за Косово и Метохија и ќе го направиме ова во следните десет дена, за луѓето да знаат и дека ние секогаш ќе се грижиме за нив“, изјави Вучиќ за белградската телевизија Пинк.
Потоа, на 6 октомври, српскиот министер за здравство Златибор Лончар изјави дека отворањето на 400 нови работни места е „вест што ја покажува дополнителната посветеност на државата Србија да го поддржи нашиот народ и здравствениот систем во Косово и Метохија“.
„Како што постојано нагласуваме, нашите здравствени работници во Косово и Метохија секогаш можат да сметаат на силна и пред сè, конкретна поддршка од нивната држава, Канцеларијата за Косово и Метохија и Министерството за здравство, а новите работни места се само уште еден показател за таквата политика“, рече Лончар.
Официјален Белград инаку ја поддржува само Српската листа на претстојните локални избори.
На 7 октомври, директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, повторно ја повика српската заедница во Косово, како и раселените лица кои имаат косовски документи, да гласаат за Српската листа.
Тој истакна дека победата на Српска листа значи и продолжување на инфраструктурните проекти и финансиската помош од државата Србија, нагласувајќи дека Српската листа има целосна поддршка од претседателот Александар Вучиќ и од државата Србија.
Канцеларијата за Косово претходно објави дека „од есен, уште 5.000 Срби на Косово ќе добиваат по 20.000 динари (околу 180 евра) месечно како помош од државата Србија“.
Косово ја обвини Србија за мешање во парламентарните избори, кои се одржаа во февруари, што во тоа време го посочи и германската амбасада во Приштина.