Медицинските сестри реагираат дека не се вклучени во носењето закони во здравствениот сектор, иако како што велат давале предлози и биле дел од работните групи во кабинетите на сите министри за здравство досега. Најавуваат и меѓународен притисок врз здравствените власти за како што велат да не се дозволи да бидат маргинализирани.
„Ова е преседан кој не можеме да го надминеме. Да не бидете во процес на сопствен закон, да не бидете на јавна расправа, да ве застапуваат формални луѓе заминати во пензија со години, кои на 1-ви си ја добиваат пензијата и им е гајле за сестрите кои гинат внатре во болниците. Доста е веќе, истакна Гордана Бешлиоска, претседателката на Унијата на здруженијата на медицинските сестри, акушерки, стоматолошки сестри предводени од Здружението „За нас“.
Нивната реакција се однесува на тоа што вчера не биле поканети на презентацијата на 12 закони од областа на здравството кои ќе се менуваат и дополнуваат, што ја организираше Министерството за здравство.
Видете и ова: Алиу: Ќе се менуваат 12 закони, за да не се кочат процесите во здравствотоТаа посочи дека по нивната реакција, денеска биле поканети на средба со министерот за здравство Азир Алиу на која им било кажано дека е направен административен пропуст.
- Не можат медицинските сестри да бидат административен пропуст, ниту трошок, ниту бројки. Дегутантно е да дојдете во ситуација да слушнете ваква информација. Ние ништо не уценуваме. Го побарав министерот и му кажав дека едно од најголемите барања во овој момент е советодавно место на медицинска сестра во Министерството, сектор. Да не слушаме вакви приказни дека правникот пропуштил, тој пропуштил, нас тоа не не интересира. Ние сме најголема бројка во здравствениот систем, што треба да направиме да ги оставиме пациентите во болниците и да излеземе на улица“, рече Бешлиоска и додаде дека со нејзините колеги ќе извршат меѓународен притисок врз здравствени власти.
Бешлиоска потсетува дека медицинските сестри се незадоволни бидејќи немаат здрава работна околина, безбедносни услови на работа, вреднување и валоризација на трудот и признавање на образованието.
Одговарајќи на новинарско прашње таа истакна дека сме единствената земја во регионот каде нема закон за медицинските сестри.
Инаку вчера министерот за здравство Азир Алиу најави измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем, а чија цел е подобрување на состојбите во здравствениот систем и поквалитетна услуга на пациентите.
Здравствените власти уверуваат дека со синхронизирање на 12 закони од областа на здравството почнувајќи од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје и нивно поврзување и функционирање како една целина, ќе се овозможи унапредување на процесите во здравствениот систем.