Нобеловата награда за физика годинава ја добија Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис „за откривање на макроскопско квантно механичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло“, соопшти на 7 октомври, Кралската шведска академија на науките.
„Квантната механика ѝ овозможува на честичка да помине директно низ пречка, преку процес што се нарекува тунелирање,“ се наведува во соопштението на Академијата при објавувањето на наградата.
Во соопштението се објаснува дека едно од клучните прашања во физиката е – колку голем може да биде системот кој сè уште покажува квантни механички ефекти.
Тројцата научници се поврзани со Универзитетот во Калифорнија (UC), а Деворе има и ангажман на Универзитетот Јеил. Деворе и Мартинис работат во кампусот Санта Барбара на Универзитетот во Калифорнија, северозападно од Лос Анџелес, додека Кларк е дел од Универзитетот во Беркли, во близина на Сан Франциско.
Оваа година, добитниците спровеле експерименти со електрично коло во кое „ги демонстрирале и квантното механичко тунелирање и квантизираните енергетски нивоа во систем доволно голем за да може да се држи во рака“.
Кога се вклучени голем број честички, ефектите на квантната механика обично стануваат занемарливи. Но, експериментите на овие физичари покажале дека „квантно-механичките својства можат да се направат видливи и на макроскопско ниво“.