Гутереш бара прекин на војната во Газа и итно ослободување на заложниците

Шефот на Обединетите Нации, Антонио Гутереш

Шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш побара итно и безусловно ослободување на сите заложници држени во Газа и крај на непријателствата на палестинската територија, Израел и регионот.

Зборувајќи на втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Појасот Газа, Гутереш ја осуди „хуманитарна катастрофа од размер што е неразбирлив“.

„Го кажав тоа повеќе пати и го повторувам денес со уште поголема итност: Ослободете ги заложниците, безусловно и веднаш. Ставете крај на страдањето за сите. Ставете крај на непријателствата во Газа, Израел и регионот сега. Престанете да ги терате цивилите да плаќаат со своите животи и својата иднина. По две години траума, мора да избереме надеж. Сега“, рече Гутереш.

Видете и ова: Две години од војната во Газа, Израел им оддава почит на жртвите од нападот на Хамас

Неговите коментари се по повод двегодишнината откако милитантите предводени од Хамас (вооружена група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација)го започнаа масовниот напад врз Израел, што го прави најсмртоносниот ден во историјата на земјата.

Палестинските борци ја пробија границата меѓу Газа и Израел, напаѓајќи јужни израелски заедници на музички фестивал со огнено оружје, ракети и гранати.

Во одмаздничката воена кампања на Израел во Газа од воздух, копно и море загинаа најмалку 67160 луѓе, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас, бројки што Обединетите Нации ги сметаат за веродостојни.

Со зголемувањето на глобалниот притисок за прекин на војната во Газа, американскиот претседател Доналд Трамп откри план од 20 точки со кој се повикува на прекин на огнот, ослободување на сите заложници, разоружување на Хамас и постепено повлекување на Израел од Газа.

Видете и ова: Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

Генералниот секретар на ОН го поздрави предлогот како „можност што мора да се искористи за да се стави крај на овој трагичен конфликт“.

„Трајниот прекин на огнот и веродостојниот политички процес се од суштинско значење за да се спречи понатамошно крвопролевање и да се отвори патот за мир. Меѓународното право мора да се почитува“, порача Гутереш.

Инаку во нападот пред две години, загинаа 1219 лица, претежно цивили, според пресметката на АФП врз основа на официјални израелски бројки.

Милитантите, исто така, зедоа 251 лице како заложници во Газа, од кои 47 остануваат во заложништво, вклучувајќи 25 за кои израелската војска вели дека се мртви.