И покрај привремениот прекин на израелската офанзива, продолжуваат судирите во Газа

Последици од експлозија во градот Газа

Судирите помеѓу израелските сили и Хамас (вооружена група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) продолжија во Газа и покрај привремената пауза во офанзивните операции, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Иако израелската копнена офанзива во градот Газа беше паузирана во саботата (4 октомври), ИДФ изврши низа воздушни напади како одговор на, како што наведуваат, продолжувањето на нападите од Хамас, пренесе Тајмс оф Израел.

ИДФ соопшти дека борбени авиони извршиле прецизни напади на повеќе локации – првиот напад бил насочен кон вооружена ќелија на Хамас која, според тврдењата на војската, подготвувала минофрлачки и експлозивен напад врз израелските трупи во Газа.

Наводно, сите осомничени борци биле убиени.

Видете и ова: Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

Вториот напад погодил друга ќелија која истрелувала минофрлачи врз израелските војници, при што еден војник бил полесно повреден. Тој бил пренесен во болница.

Во третиот инцидент, ракетни гранати биле испукани врз возила на 98-та дивизија.

Немало повредени, а ИДФ наведува дека авионите го уништиле објектот од каде биле лансирани проектилите.

Иако офанзивата е паузирана, израелските трупи и понатаму спроведуваат одбранбени и тактички операции во урбаните зони на Газа.

ИДФ истакна дека паузата се однесува исклучиво на „масовни копнени напади“, додека „воздушните напади и одговорот на заканите продолжуваат со полн капацитет“.