Рубио: Војната во Газа сè уште не е завршена, приоритет се заложниците

Марко Рубио, државен секретар на САД.

Војната во Газа „сè уште не е завршена“, порача државниот секретар на САД, Марко Рубио, во неделата посочувајќи го ослободувањето на заложниците што ги држи Хамас како прва фаза од процесот. Деталите за тоа што ќе се случува потоа, според неговата изјава, сè уште треба да се разработат.

Тој рече дека Хамас „во основа“ се согласил со предлогот и рамката на претседателот Доналд Трамп за ослободување на заложниците, додека во тек се состаноци за координирање на логистиката за спроведување на планот.

„Тие исто така се согласија, во принцип и генерално, дека ќе ја разгледаат идејата за тоа што ќе се случува потоа“, рече Рубио, пренесува Ројтерс.

Видете и ова: Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

„Многу од деталите ќе треба да се разработат таму“, додаде тој, посочувајќи дека Вашингтон ќе знае „многу брзо“ дали Хамас, кого САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација, е сериозен или не за време на тековните технички разговори околу ослободувањето на заложниците.

„Приоритет број еден, оној што мислиме дека можеме да го постигнеме многу брзо, се надеваме, е ослободувањето на сите заложници во замена за враќање на Израел на жолтата линија – таму каде што Израел беше во Газа на средината на август“, објасни државниот секретар на САД.

Тој ја опиша втората фаза од долгорочната иднина на Газа како „уште потешка“.

„Што ќе се случува откако Израел ќе се повлече на жолтата линија, а потенцијално и надвор од неа? Како се развива оваа ситуација? Како да се создаде палестинско технократско водство кое не е Хамас? Како да се разоружат сите терористички групи што ќе градат тунели и ќе вршат напади врз Израел? Како да се натераат да се демобилизираат? Целата таа работа, ќе биде тешка, но е клучна бидејќи без тоа, ќе нема траен мир“, рече тој.

Портпаролката на израелскиот премиер во неделата изјави дека израелските преговарачи ќе отпатуваат во Египет подоцна во денот за во понеделник да одржат разговори со палестинското движење Хамас за ослободување на израелските заложници.

Видете и ова: Хамас се согласи со мировниот план, Трамп порача Израел да го прекине бомбардирањето

„Тимот ќе замине вечерва со план за започнување преговори утре“, изјави Шош Бедросијан на прес-конференција за случувањата во Газа.

Таа прецизираше дека ова ќе бидат „технички преговори“, пренесува АФП.

Хамас во петокот соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател, објавен на 29 септември, и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.