Полска мобилизира авиони за да го заштити воздушниот простор

Авиони на американски и полски воздухополовни сили (фотоархива).

Полска и сојузниците на НАТО мобилизираа борбени авиони и ги ставија копнените сили во состојба на висока готовност рано наутро на 5 октомври, откако Киев соопшти дека Русија започнала нов бран воздушни напади низ Украина, вклучително и врз регионот Лавов, во близина на полската граница, при што загинаа најмалку пет лица.

„Полските и сојузничките авиони оперираат во нашиот воздушен простор, додека копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување се ставени на највисоко ниво на готовност“, соопшти оперативната команда на Полска во објава на социјалните мрежи.

Видете и ова: Нови руски напади врз Украина, загинаа пет лица

Полска ги опиша мерките како „превентивни“ и насочени кон „обезбедување на воздушниот простор и заштита на граѓаните, особено во областите во непосредна близина на загрозениот регион“.

Овој потег доаѓа речиси еден месец откако повеќе руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Полска, принудувајќи ги авионите на НАТО да полетаат за да пресретнат и соборат некои од дронови.

Инцидентот од 10 септември беше првата „директна средба“ меѓу НАТО и Русија откако Кремљ ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.