Нови руски напади врз Украина, загинаа пет лица

Последици од руското гранатирање во Лавов, 5 октомври.

Пет лица загинаа во руски напади во украинските региони на Запорожје и Лавов во текот на ноќта и неделата наутро. Сериозно е оштетена и енергетската инфраструктура што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија за десетици илјади лица.

„Оваа недела вечерта, Русија започна уште еден напад со ракети и беспилотни летала против народот на Украина, насочен кон регионите Лавов, Запорожје, Чернигов, Виница, Ивано-Франкивск, Херсон, Харкив и Одеса“, рече премиерката на Украина, Јулија Свириденко.

Лавов е областа што руската војска ја таргетира помалку во текот на својата офанзива во Украина бидејќи е далеку од линијата на фронтот.

Видете и ова: Мала, а голема промена: Украина го укинува копекот, „симбол на московската окупација“

Според украинските власти, во Лавов загинале четири лица, а исто толку биле повредени. Петата жртва е во Запорожје, каде има и 10-тина повредени.

Иван Федоров, раководител на регионот Запорожје, претходно изјави дека 16-годишно девојче е меѓу оние што добиле „потребна помош“ од медицински персонал по нападот.

Во градот дојде и до големи прекини на електричната енергија бидејќи беше оштетена енергетската опрема, соопшти давателот на услуги. Градоначалникот посочи дека без оваа услуга останале околу 73.000 потрошувачи.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека во нападите во текот на ноќта биле лансирани над 50 ракети и околу 500 дронови кон неговата земја.

„Русите повторно ја таргетираа нашата инфраструктура – сè што обезбедува нормален живот за нашите луѓе. Ни треба поголема заштита и побрзо спроведување на сите одбранбени договори, особено за воздушна одбрана“, порача Зеленски во недела.

Низ цела Украина, од 4:09 часот наутро беше воведена национална тревога од воздушен напад.

Видете и ова: Најмалку еден загинат и десетици повредени во руски напад со дрон врз воз во Украина

Во меѓувреме, вооружените сили на Полска преку мрежата Икс соопштија дека мобилизирале авиони и ја ставиле копнената одбрана во состојба на висока готовност за да го обезбедат воздушниот простор на земјата, особено во областите блиску до Украина.

Градоначалникот на Лавов, град во западниот дел на Украина во близина на границата со Полска, изјави дека јавните транспортни линии не работат поради „масовен непријателски напад“. Тој рече и дека дел од градот е без струја.

Во уште еден западен град, Ивано-Франковск, градоначалникот соопшти дека јавниот превоз ќе „започне да работи подоцна од вообичаеното“.