Улиците се преименувани. Статуите на Ленин отстранети. Сега, додека крајот на руската инвазија не е на повидок, Украина се подготвува да се ослободи од уште еден симбол на поранешната доминација на Москва: монетата копек.
Украинскиот парламент, Врховната рада, ќе разгледува закон со кој ќе се укине копекот. Наместо тоа, најмалата номинална вредност на националната валута би бил шахот, име на валута што значи „чекор“ и датира од 16 век – долго пред поголемиот дел од Украина да стане дел од Руската империја.
Националната банка на Украина, која ја иницираше промената минатата година, вели дека целта е да се „промовира дерусификација“ во услови кога војната на Москва против Украина се приближува до почетокот на петта година од инвазијата започната во февруари 2022.
Видете и ова: Најмалку еден загинат и десетици повредени во руски напад со дрон врз воз во Украина„Копекот е дел од Москва што остана во нашите џебови, на нашите ценовници и, најважно, во нашите глави“, рече гувернерот на Националната банка, Андриј Пишни, во август.
Копекот е стотинка од гривната, која е националната валута на Украина од 1996 година, пет години откако земјата доби независност и се распадна Советскиот Сојуз.
Предложената промена е дел од поширокиот напор за замена на термините, симболите и институциите што го одразуваат руското влијание или советското наследство, како и напорот за зајакнување на јазичниот и културниот идентитет на Украина.
Предлогот веројатно ќе помине во парламентот, бидејќи меѓу предлагачите е и претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук, кој е од партијата „Слуга на народот“ на претседателот Володимир Зеленски.
Во образложението на законот, објавено на 1 октомври, се наведува дека „дури и 34 години по прогласувањето на независноста, постои име кое сè уште ја поврзува нашата земја со Русија – името на монетата во оптек - копек“.
Во текстот на законот се наведува дека меѓу 15-те поранешни советски републики, верзија на терминот копек сè уште се користи само во Украина, Русија и Белорусија, како и во отцепениот молдавски регион Транснистрија.
„Во контекст на руската агресија од големи размери, замената на копекот со шах е важен и неопходен чекор“, се вели во предлогот.
„Откако ја проучивме историјата на монетарната циркулација во Украина, дојдовме до неоспорен заклучок дека името на монетата во оптек, како што е ’копек‘, всушност е симбол на окупација од Москва“, рече гувернерот на Народната банка Пишни во септември 2024 година, кога беше предложена промената.
„Денес, украинскиот народ враќа сè што му беше неправедно, одземено и искривено од наративите на Кремљ. Имаме свој специфичен термин – шах – уникатен украински збор што се однесува на монети со мали апоени“, рече тој.
Откако стекна независност во 1991 година, Украина ги преименуваше улиците, градовите, местата и другите географски локации што беа именувани по советски и руски личности или историски настани и датуми. Бројни статуи на болшевичкиот лидер Владимир Ленин и други советски и руски личности беа отстранети.
Видете и ова: Како Чесите ја тролаа руската амбасада, а потоа работите ескалирааОпштата инвазија што ја започна рускиот претседател Владимир Путин во обид да ја покори Украина ги поттикна патриотските чувства и го зајакна чувството за единство и национален идентитет кај Украинците.
Преминот од копек на шах нема да ја промени вредноста на монетарната единица. Еден евроцент моментално вреди околу 48 копека, а малите монети Украинците ретко ги користат во секојдневниот живот.
Промената би се спроведувала постепено, при што извесно време копекот и шахот ќе циркулираат во оптек паралелно.