Во поплавите што зафатија делови од југоисточна Бугарија и брегот на Црното Море, загинаа најмалку четири лица.
Бугарските медиуми јавија дека во одморалиштето Елените, во близина на градот Несебар, била пронајдена и четвртата жртва, државјанка на Русија, која нејзиниот сопруг претходно ја пријавил за исчезната.
Помош за справување со поплавите понудила и Северна Македонија, за што бугарскиот претседател Румен Радев соопшти преку социјалните мрежи откако имал телефонски разговор со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Ѝ се заблагодарувам на претседателката Гордана Сиљановска за конструктивниот телефонски повик и изразеното сочувство за жртвите од поплавите во Бугарија, како и за искажаната подготвеност на Република Северна Македонија да даде поддршка во справувањето со последиците од катастрофата“, напиша шефот на бугарската држава.
Видете и ова: Мито и корупција во Бугарија откриени благодарение на концертот на Роби ВилијамсПоради невремето стотици луѓе во Бугарија беа принудени да се евакуираат, а властите прогласија и вонредна состојба во неколку градови и места долж брегот на Црното Море.
Делови од населението остана и без електрична енергија, а пристапот до погодените подрачја, како што јавуваат бугарските медиуми, е ограничен, а волонтери, воени и други тимови за помош интензивно работат на расчистување на теренот.