Трамп „нема да толерира“ одложување на неговиот план за Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, 29 септември 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата, 4 октомври, го предупреди Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од ЕУ и САД, дека „нема да толерира никакво одложување“ во спроведувањето на неговиот план за ослободување на заложниците што ги држи оваа палестинска група во Појасот Газа и за прекин на огнот со Израел.

Во порака на својата социјална мрежа „Трут“, Трамп рече дека е задоволен што „Израел привремено го прекина бомбардирањето за да даде можност за ослободување на заложниците и постигнување мировен договор“.

„Хамас мора да дејствува брзо или сите опции ќе бидат отворени. Нема да толерирам никакво одложување“, додаде тој исклучувајќи „секаков исход во кој Газа ќе претставува закана за Израел“.

Видете и ова: Хамас се согласи со мировниот план, Трамп порача Израел да го прекине бомбардирањето

Израелското бомбардирање на Газа „значително се намали“, иако најмалку пет Палестинци се убиени, изјави во саботата директорот на болницата Шифа, Мохамед Абу Селмија.

Израелската војска соопшти дека лидерите на земјата ѝ наредиле да се подготви за првата фаза од американскиот план за прекин на војната во Газа.

Израел зазеде чисто одбранбен став во Газа и нема активно да нападне, изјави официјален претставник за медиумите под услов да остане анонимен.

АФП објави и дека пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и неговиот зет, Џаред Кушнер, ќе отпатуваат во Египет за да ги финализираат разговорите за условите за ослободување на заложниците.

Трамп во петокот го повика Израел „веднаш да го запре бомбардирањето на Газа“ за да дозволи ослободување на заложниците откако Хамас соопшти дека во голема мера го прифаќа планот.

Планот на САД вклучува прекин на огнот, ослободување на заложниците во рок од 72 часа, постепено повлекување на израелската војска од Газа, разоружување на Хамас и негово исклучување од власта и протерување на неговите борци од Газа.

Видете и ова: Фон дер Лајен: На дофат е примирје во Газа

Светската здравствена организација (СЗО) го поздрави мировниот план за Газа, вклучувајќи ја и можноста за обнова на болниците, додека генералниот директор на здравствената агенција на ОН, Тедрос Аданом Гебрејесус, во саботата изјави дека „мирот е најдобриот лек“.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, во саботата изјави дека предложениот мировен план за Газа е „клучна можност“ за „да се стави крај на крвопролевањето и страдањето“ на палестинската територија еднаш засекогаш.