Во овој момент во Македонија задолжителна скрининг програма не постои и тоа е навистина проблем, порачаа од ХЕМА-ОНКО кое денеска, 4 октомври, организираше Розов пикник во чест на сите жени што се борат со рак на дојка.
„Ние веќе преговараме оваа скрининг програма да стане облигаторна за сите граѓани од 40 до 69 години, исто така да стане облигаторна за матичните лекари, односно тие да ја водат грижата за своите пациентки. Се преговара со тимовите од радиологија да се изнајдат доволно термини“, рече Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО.
Таа додаде дека една ваква скрининг програма во пракса треба да биде ефикасна, реална и долгорочна, да ги опфати сите пациенти за да даде вистински резултати.
„Доколку канцерот се дијагностицира во нулти или во прв стадиум сите знаеме дека прогнозите се извонредни, дека овие пациенти ќе можат да продолжат со својот живот како никогаш да го немале“, рече Марјановиќ.
Видете и ова: Тргни-застани со лековите за пациенти со канцер на дојкаОд здружението сметаат дека во државата треба да се направат уште многу работи за пациентите што се борат со рак, како се измени на Законот за здравствена заштита, позитивната листа на лекови, но и начинот на кој е организирана онкологија којашто, според нив, треба да биде дисперзирана и во други градови.
Она што е добро, според нив, е што годинава хормонската терапија за пациентките со рак на дојка е подостапна, во аптеките и што е обезбедена терапија за уште една група пациенти со триплнегатив канцер коишто имаат генетски зависен карцином.
Во Северна Македонија, на државната Клиника за онкологија годишно има по околу 800 новодијагностицирани пациенти со канцер на дојка. Се очекува дека до крајот на 2025 година оваа бројка ќе достигне и до околу 1.200 пациенти.
Возрасната граница на заболени се спушта како во светски рамки, така и во земјава, па сè почесто заболуваат и девојки и жени од 30 до 40 години.