Лидерите од Западен Балкан на самит во Драч

Последниот самит од иницијативата Брдо-Бриони се одржа во Црна Гора во октомври 2024 г.

Лидерите од земјите од Западен Балкан, в понеделник – 6 октомври, ќе се сретнат на самит во рамки на иницијативата Брдо-Бриони, што ќе се одржи во албанскиот град Драч.

Главна тема на разговорите ќе биде европската перспектива на Западен Балкан, со посебен фокус на Планот за раст од ЕУ.

Планот за раст, кој претставува финансиски инструмент на ЕУ, се однесува на периодот од 2024 до 2027 година. Тој содржи вкупно шест милијарди евра, од кои четири се во форма на заеми, додека две милијарди се неповратни грантови. Секоја земја има своја реформска агенда чие исполнување е услов за добивање на парите.

Видете и ова: Владата ќе побара 8,5 милиони евра од Планот за раст

На самитот во Драч, од Северна Македонија ќе присуства претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а, како што пренесе државната агенција МИА, потврдено е учеството и на претседателите на Црна Гора – Јаков Милатовиќ, Србија – Александар Вучиќ, Косово – Вјоса Османи, како и на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се земјите од Западен Балкан.

Самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е албанскиот претседател, Бајрам Бегај.

„Годинешниот состанок ќе се одржи под мотото ’Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: заедно кон ЕУ‘. Заедно со прашањето за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, ќе се фокусира и на зајакнување на регионалната соработка“, објавија организаторите.

Видете и ова: Самит Брдо-Бриони: Лидерите од регионот разговараа за европската перспектива

Целта на иницијативата Брдо-Бриони е да се поттикне меѓусебна соработка и да се олеснат напорите на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.

Од 2013, состаноци во рамки на оваа иницијатива се одржуваат секоја година. Во 2024, ваков самит се одржа во Црна Гора каде лидерите во заедничка изјава ја нагласија важноста од добрососедските односи и регионалната соработка. Тие се обврзаа и на понатамошни реформи, зајакнување на стратешкиот дијалог со ЕУ и спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан.