Фон дер Лајен: На дофат е примирје во Газа

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Изразената подготвеност на Хамас да ги ослободи заложниците и да се ангажира за предлогот за мир, кој беше даден од американскиот претседател Доналд Трамп, според претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен е охрабрувачка.

„Овој момент мора да се искористи. На дофат се итно примирје во Газа и ослободување на сите заложници“, наведе Фон дер Лајен.

Хамас, која е прогласена за терористичка организација од ЕУ и САД, соопшти дека е подготвена да ослободи дел од заложниците и се согласи со делови од планот на Трамп за ставање крај на војната. Изјавата на Хамас дојде откако американскиот претседател даде рок до недела за да се изјасни дали групата го прифаќа или отфрла планот.

Видете и ова: Хамас се согласи со мировниот план, Трамп порача Израел да го прекине бомбардирањето

Во соопштението, радикалната палестинска организација наведе и дека е подготвена да „го предаде управување со Појасот Газа на палестинско независно тело (технократи) врз основа на палестинскиот национален консензус и со поддршка на арапските и исламските сили“.

Сепак, порача дека за некои делови од планот ќе бара преговори.

Планот на Трамп од 20 точки, беше поддржан и од Израел.

Покрај претседателката на Европската комисија со реакции по изјавата на Хамас се јавија и други европски лидери.

Ослободувањето на сите заложници и примирјето во Газа се „на дофат“, порача и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Обврската на Хамас мора да се исполни без одложување. Сега имаме можност да направиме решителен напредок кон мирот … Би сакал да им се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп и на неговиот тим за нивната посветеност на мирот“, наведе Макрон.

Според британскиот премиер Кир Стармер, прифаќањето на мировниот план на САД од страна на Хамас е значаен чекор напред.

„Силно ги поддржуваме напорите на претседателот Трамп, кои нè доведоа поблиску до мирот од кога било досега. Сега постои можност да се прекинат борбите, заложниците да се вратат дома и хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е толку очајно потребна“, рече Стармер.

Видете и ова: Израел ја засилува офанзивата во градот Газа додека Хамас го разгледува планот на Трамп

Реагираше и германскиот канцелар Фридрих Мерц, порачувајќи дека и Германија ќе продолжи да се ангажира.

„Заложниците мора да бидат ослободени. Хамас мора да се разоружа. Борбите мора веднаш да престанат. Сето ова мора да се случи многу брзо. По речиси две години, ова е најдобрата шанса за мир“, порача Мерц.

Хамас во соопштението не наведе дали се согласува со разоружување, барање кое претходно го отфрлаше.

Високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, во петокот за Ал Џезира изјави дека групата нема да се разоружа пред да се заврши израелската „окупација“, додавајќи дека прашањата за иднината на Газа треба да се дискутираат во рамките на сеопфатна палестинска национална рамка од која дел ќе биде и Хамас.

По огласувањето на Хамас за планот на Трамп, американскиот претседател го повика Израел да го прекине бомбардирањето на Газа.