Француски новинар убиен во напад со дронови во Украина, обвинета е Русија

Францускиот новинар и фотограф, Антони Лаликан.

Француски новинар е убиен, а украински фотограф е повреден во напад со руски беспилотни летала во близина на линиите на фронтот, соопштија Киев и францускиот претседател Емануел Макрон на 3 октомври.

„Нашиот сонародник, фоторепортер Антони Лаликан, ја придружуваше украинската војска на фронтот. Со длабока тага ја примив веста за неговата смрт од руски напад со дронови“, напиша Макрон на мрежата Икс.

„Изразувам искрено сочувство до неговото семејство, најблиските и сите негови колеги кои, ризикувајќи ги своите животи, нè информираат и сведочат за реалноста на војната“, додаде францускиот претседател.

Од украинската војска преку социјалните мрежи соопштија дека фотографот Григориј Иванченко е повреден во истиот напад и е во стабилна состојба.

„Двајцата новинари носеа лична заштитна опрема, а нивните панцири имаа ознаки – натпис ’ПРЕС‘“, соопшти украинската бригада.

Видете и ова: Купјанск на работ на пропаст - што се случува на украинскиот фронт?

„Непријателот уште еднаш цинично ги прекрши нормите на меѓународното хуманитарно право. Овој факт уште еднаш ја потврдува подмолноста и суровоста на непријателската војска“, се додава во соопштението.

Како што посочија украинските власти, во периодот кога бил убиен, 37-годишниот Лаликан бил сместен со украинските сили во близина на фронтовската линија во регионот Донецк.

Европската и меѓународната федерација на новинари го окарактеризираа убиството како „воено злосторство“.

Организациите посочија дека Лаликан е првиот новинар убиен од беспилотно летало во украинската војна, иако УНЕСКО соопшти уште 21 новинар биле убиени на друг начин во Украина откако Москва ја започна целосната инвазија во февруари 2022 година.

Киев соопшти дека Лаликан и Иванченко биле сместени во близина на областа Дружкивка, на околу 20 километри од фронтовската линија во регионот Донецк.

Меѓународната организација Репортери без граници (RSF) повика на брза истрага.

„Лаликан загинал додека ја вршел својата работа, сведочејќи за последиците од војната. Неговата посветеност, признаена од неговите колеги, беше исто толку голема колку и ризиците што тој ги презеде за да ги објави вестите“, изјави шефот на оваа организација, Тибо Брутин.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, рече дека Москва „продолжува намерно да таргетира новинари, што е гнасен злостор и кршење на меѓународното хуманитарно право“.

„Ќе вложиме максимални напори сторителите да бидат повикани на одговорност“, рече тој.

Видете и ова: Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади врз енергетската инфраструктура

Во меѓувреме, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека разговара за предлози со Москва и Киев за начини за враќање на електричната енергија во нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа.

Од 23 септември, централата е исклучена од надворешно напојување и се лади со дизел генератори за итни случаи. Таа беше окупирана од руските сили кратко време по почетокот на целосната инвазија, но главно ја управува украински персонал.

Објектот не произведува електрична енергија, но неговите реактори мора да се ладат со дизел генератори за итни случаи за да се спречи нуклеарна катастрофа. Двете страни се обвинуваат меѓу себе за гранатирање на централата.

Далеку од бојното поле, разузнавачката агенција на Данска – членка на НАТО, објави дека руски воени бродови постојано пловеле по патеки на судир, го насочувале своето оружје кон данските воени бродови и го нарушувале движењето во данските води што го поврзуваат Балтичкото со Северното Море.

„Видовме неколку инциденти во данските теснеци, каде што хеликоптерите и воените бродови на данските воздухопловни сили беа цел на радари за следење, а кон нив и физички биле насочени оружја од руски воени бродови“, изјави шефот на данската служба за одбранбено разузнавање, Томас Аренкиел, на прес-конференција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украински затвореници се вратија дома по години поминати во руски притвор

Белата куќа соопшти дека ваквиот извештај го сфаќа сериозно.

„Тоа е нешто што администрацијата го сфаќа многу сериозно и ние постојано го следиме. Советот за национална безбедност во Белата куќа е во постојана кореспонденција со нашите сојузници од НАТО“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Во регионот, тензиите се високи откако имаше инциденти со сомнителни саботажи поврзани со подводни кабли и цевководи, упади во туѓи воздушни простори и забележување на дронови, за кои сомнежите се дека голем дел се поврзани со Москва.