Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Израел „мора веднаш“ да го прекине бомбардирањето на Појасот Газа, откако радикалната палестинска група Хамас соопшти дека ќе се согласи со некои аспекти од неговиот план за завршување на војната, вклучително и ослободување на заложниците и предавање на контролата врз крајбрежната енклава. Но, како што наведе Хамас, ќе бара преговори за многу други услови.
Агенцијата Ројтерс, која имала увид во копија од одговорот на Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, потсетува дека ова следува откако Трамп предложи мировен план од 20 точки и даде рок до неделата за Хамас да го прифати или отфрли предлогот.
Видете и ова: Ќе видиме дали Хамас ќе го прифати мировниот план, изјави израелскиот министер за надворешни работи во БелградНа својата социјална мрежа „Трут“, Трамп повикувајќи се на соопштението на Хамас, напиша дека верува оти групата е подготвена за траен мир.
„Израел мора веднаш да го прекине бомбардирањето на Газа за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците! Премногу е опасно да се направи тоа во моментов. Веќе разговараме за деталите што треба да се разработат. Ова не е само за Газа, ова е за долгоочекуваниот мир на Блискиот Исток“, напиша Трамп.
Хамас во соопштението не наведе дали ќе се согласи со условот да се разоружа, барање од Израел и САД што претходно го отфрли.
Од друга страна, високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, во петокот за Ал Џезира изјави дека групата нема да се разоружа пред да се заврши израелската „окупација“, додавајќи дека прашањата за иднината на Газа треба да се дискутираат во рамките на сеопфатна палестинска национална рамка од која дел ќе биде и Хамас.
Хамас во соопштението наведе дека „ги цени арапските, исламските и меѓународните напори, како и оние на американскиот претседател Доналд Трамп, и повиците за прекин на војната во Појасот Газа, размена на затвореници и итна испорака на помош“.
Групата додаде дека објавува „одобрување на ослободувањето на сите окупациски (израелски) затвореници – и живи и мртви, во согласност со формулата за размена содржана во предлогот на претседателот Трамп, со потребните услови на терен за да се случи размената“.
Сепак, Хамас наведе дека „во овој контекст… ја потврдува својата подготвеност веднаш да влезе во преговори, преку посредници, за да ги разговара деталите“.
Видете и ова: Трамп и Нетанјаху се согласија за план за завршување на војната во Газа, чекаат одговор од ХамасРадикалната палестинска организација изјави дека е подготвена да „го предаде управување со Појасот Газа на палестинско независно тело (технократи) врз основа на палестинскиот национален консензус и со поддршка на арапските и исламските сили“.
Планот на Трамп беше поддржан и од Израел, арапските и европските сили.
Тој повикува на итен прекин на огнот, размена на сите заложници што ги држи Хамас за палестинските затвореници што ги држи Израел, постепено повлекување на Израелците од Газа, разоружување на Хамас и воспоставување преодна влада предводена од меѓународно тело.
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Том Флечер, рече дека иницијативата на Трамп за Газа отвора можности.
„Исто така, им нуди на Палестинците шанса да добијат помош којашто спасува животи, и шанса заложниците да се вратат дома“, рече Флечер во петокот.
Планот на Трамп повикува на дистрибуција на помош во Газа без мешање од неутрални меѓународни групи, а ОН наведоа дека 170.000 метрички тони се подготвени да влезат на палестинската територија.
Израел ја започна офанзивата во Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беа однесени како заложници во Газа. Израел тврди дека остануваат неослободени уште 48 заложници, од кои 20 се живи.
Повеќе од 66.000 луѓе, пак, се убиени во последователните израелски напади врз Појасот Газа, според здравствените власти во Газа контролирани од Хамас.