Русија и Украина разменија во петокот воздушни напади врз енергетската инфраструктура, додека борбите продолжуваат во услови на застој во мировниот процес за завршување на најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна.
Околу пладне во регионот Орск, кој се наоѓа на околу 1.400 километри од фронтот во воено разурната Украина, гувернерот на Оренбуршката област, Евгениј Солнцев, изјави дека „непријателски дронови“ нападнале индустриски објект во таа област.
„Технолошките процеси во претпријатието не се нарушени. Службите за итни случаи се на терен“, додаде тој, претходно соопштувајќи дека локалниот аеродром го запрел своето работење.
Низа видеа, потврдени за Радио Слободна Европа, објавени на социјалните мрежи, прикажуваат огромни облаци чад што се издигаат од големата рафинерија за нафта Орскњефтеоргсинтез.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) потврди дека нејзини дронови го извршиле нападот.
Видете и ова: Европските лидери и Зеленски се сретнаа во Данска, Русија ги напаѓа украинските железнициВо последните месеци, Киев ги интензивираше нападите врз руската енергетска инфраструктура, што, според сè, предизвикува недостиг на гориво и пораст на цените во Русија.
Само во септември, Украина соопшти дека гаѓала неколку руски рафинерии во пограничната Брјанска област, како и во Самарската и Башкортостанската област, кои се во руската територија.
Нападот со дрон врз Орск следува по извештајот на американскиот весник „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal), во кој се наведува дека САД ќе ѝ обезбедат на Украина разузнавачки информации за далечни цели во руската енергетска инфраструктура.
Според весникот, новите податоци би ѝ олесниле на Украина да ја напаѓа руската инфраструктура со цел да ѝ се ускратат на Москва приходите за воените напори.
Кон крајот на септември, претседателот на САД, Доналд Трамп, пред Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека смета оти руската економија стагнира поради војната.
Кремљ подоцна го негираше ова тврдење, но призна дека „Русија доживува одредени тензии“.
Во петокот, Русија продолжи да напаѓа региони низ Украина со ракети и дронови, оштетувајќи цивилна и енергетска инфраструктура, соопштија локални власти.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украински затвореници се вратија дома по години поминати во руски притвор
Украинските сили за противвоздушна одбрана соопштија дека во ноќниот руски напад биле користени 381 дрон и 35 ракети, додавајќи дека главни цели биле енергетски објекти во Харкивската и Полтавската област.
Главната украинска гасна мрежа, „Нафтогас“, соопшти дека нападот бил „најголемиот“ врз инфраструктурата за производство на гас од почетокот на руската инвазија.
Генералниот директор на „Нафтогас“, Серхиј Корецки, изјави дека нападите се насочени терористички акти против цивилни објекти што обезбедуваат производство на гас.
„Без воено значење. Уште една манифестација на руската подлост, насочена исклучиво кон нарушување на грејната сезона и одземање на можноста да ги затоплуваме украинските домови во зима“, рече Корецки. „Како резултат на нападот, значителен дел од нашите објекти е оштетен. Дел од штетата е критична.“
Доцна во петокот, гувернерот на Доњецката област, Вадим Филашкин соопшти дека дел од регионот е без струја поради руското гранатирање.
„Русите продолжуваат да ја гаѓаат критичната инфраструктура. Денес нивна цел беше енергетиката“, изјави Филашкин на Телеграм.
Тој додаде дека надлежните служби ќе го обноват снабдувањето со струја што е можно побрзо.