Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се точни медиумските извештаи дека Русија им понудила на САД да преземат дел од акциите на Српската нафтена индустрија (НИС) се точни, но дека тој не верува дека тоа ќе го реши проблемот со санкциите.
По самитот на Европската политичка заедница на 2 октомври, Вучиќ изјави дека „не е сигурен“ дека САД, кои воведоа санкции врз НИС поради неговото мнозинско руско сопствеништво, ќе го прифатат предлогот на Москва.
Предлогот, исто така, вклучува и купување на одредена количина американска нафта од страна на НИС што би се испорачувала преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
„Некој мора да каже дали Американците ќе го прифатат ова. Не сум сигурен за тоа, но се надеваме дека ќе го прифатат“, рече Вучиќ.
„Не мислам дека Американците ги бараат своите финансиски интереси, мислам дека се игра поголема игра, но би сакал да грешам. Би сакал Русите да пронајдат магична формула за решавање на овој проблем. Дали верувам во тоа и дали сум сигурен? За жал, се плашам дека мојот нос добро препознава тешки ситуации“, додаде тој.
Видете и ова: САД ги одложија санкциите за српската нафтена индустрија до 8 октомвриПортпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на 2 октомври изјави дека руските претставници одржуваат близок контакт со своите српски колеги и разговараат со САД за прашањето за санкции против НИС.
САД воведоа санкции врз Српската нафтена индустрија во јануари поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, но го одложуваа нивното стапување во сила секој месец.
Досега, санкциите беа одложувани шест пати, последниот пат до 1 октомври, а потоа, рокот за спроведување на санкциите беше продолжен за уште осум дена - до 8 октомври.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
Иако сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании. „Газпром“ го напушти НИС во септември, а друга компанија управувана од „Газпром“ - „Интелиџенс“ од Санкт Петербург - стана еден од значајните сопственици.
Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.
Најголемиот удел во НИС сè уште го држи „Газпром Нефт“, подружница на „Газпром“ (44,9 проценти), а државата Србија има 29,9 проценти. Останатите акции ги поседуваат мали акционери.