Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.
На заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд, Муртезани нагласи дека веќе постојат конкретни размислувања како тоа да се направи, но избегна да открие детали поради изборната кампања.
„Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година, се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Во моментов, се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да му наштети на процесот. Она што е важно е дека постои сериозна одлучност и заинтересираност за решавање на проблемот“, рече Муртезани.
Видете и ова: Од 12 октомври влез во Грција според новите правила на ЕУТој додаде дека фокусот сега е на изборната кампања, а по нејзиното завршување размислувањата ќе добијат форма на конкретни предлози.
На средбата со финскиот министер Јоаким Странд, двајцата разговарале за односите меѓу Северна Македонија и Финска, за кои беше нагласено дека имаат динамика, континуитет и иднина што се гради врз доверба и заеднички европски вредности.
Муртезани го информираше својот колега и за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што посочи, не е само финансиски инструмент, туку и стратегија што ја приближува економијата и институциите на земјата до ЕУ уште пред членството.