Хамас сѐ уште не одговорил на планот на Трамп за Газа

Појас Газа(илустрација)

Хамас (вооружена група, означена како терористичка организација од САД и ЕУ) сè уште не му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот план за Газа, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската војска ќе остане на поголемиот дел од територијата, откако тој му ја даде својата поддршка на Трамп.

Планот предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците од страна на Хамас во рок од 72 часа, разоружување на Хамас и постепено повлекување на Израел од Газа, проследено со повоена транзициска власт предводена од самиот Трамп.

Висок функционер на Хамас во понеделник изјави дека групата сè уште не го добила планот од 20 точки, но функционер информиран за ова прашање подоцна за АФП изјави дека катарските и египетските медијатори се сретнале со Хамас за да им го достават документот.

Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетското разузнавање, Хасан Махмуд Рашад „штотуку се сретнаа со преговарачите на Хамас и го споделија планот од 20 точки. Преговарачите на Хамас рекоа дека ќе го разгледаат со добра намера и ќе дадат одговор“, рече изворот, зборувајќи под услов да остане анонимен.

Во видео изјава објавена на неговиот Телеграм канал по неговата заедничка прес-конференција со Трамп, Нетанјаху рече дека војската ќе остане во поголемиот дел од Газа, а исто така рече дека не се согласил со палестинска држава за време на разговорите со Трамп.

„Ќе ги вратиме сите наши заложници, живи и здрави, додека (израелската војска) ќе остане во поголемиот дел од Појасот Газа“, рече тој.

Сепак, израелскиот министер за финансии од крајната десница, Безалел Смотрих, член на коалициската влада на Нетанјаху, го критикуваше планот како „убедлив дипломатски неуспех“.

„Според моја проценка, и тој ќе заврши со солзи. Нашите деца ќе бидат принудени повторно да се борат во Газа“, рече тој.

Видете и ова: Трамп и Нетанјаху се согласија за план за завршување на војната во Газа, чекаат одговор од Хамас

Во понеделник во Вашингтон, Трамп инсистираше дека мирот на Блискиот Исток е „нешто повеќе од блиску“ и ја опиша објавата како „прекрасен ден - потенцијално еден од најголемите денови во цивилизацијата“.

Неговиот план вклучува распоредување на „привремена меѓународна стабилизациска сила“ - и создавање на преодна власт предводена од самиот Трамп, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Блер, кој сè уште е широко омразен на Блискиот Исток поради неговата улога во војната во Ирак во 2003 година, го поздрави „смелиот и интелигентен“ план.

Со договорот ќе се бара милитантите на Хамас целосно да се разоружаат и да бидат исклучени од идните улоги во владата, но оние кои ќе се согласат на „мирна коегзистенција“ ќе бидат амнестирани.

Видете и ова: Убиени најмалку 44 лица во Газа додека Израел ги игнорира барањата за прекин на огнот

За време на прес-конференцијата, Нетанјаху фрли сомнеж врз тоа дали на Палестинската самоуправа, која номинално управува со окупираниот Западен Брег, ќе ѝ биде дозволена улога во управувањето со Газа.

Трамп истакна дека за време на нивниот состанок Нетанјаху остро се спротиставил на каква било палестинска државност - нешто за што американскиот план остава простор.

Трамп рече дека Израел ќе ја има неговата „целосна поддршка“ да го стори тоа, доколку Хамас не го прифати договорот.

Реакциите беа глобални и брзи. Клучните арапски и муслимански нации, вклучувајќи ги и медијаторите Египет и Катар, ги поздравија „искрените напори“ за договорот по нивните разговори со Трамп минатата недела.

Европските сојузници на Вашингтон веднаш изразија поддршка, а лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија споделија силни изрази на поддршка за планот.

И шефот на Европската Унија, Антонио Кошта, ги повика сите страни да „го искористат овој момент за да му дадат вистинска шанса на мирот“.