Голем прекин на интернет го зафати Авганистан на 29 септември, само неколку недели откако владејачките талибански власти почнаа да ги сечат оптичките кабли во повеќе провинции, што доведе до локализирани прекини.
Многу меѓународни и локални медиуми што известуваат од Авганистан беа погодени од масовниот прекин, вклучувајќи ги Радио Азади и Радио Машал на Радио Слободна Европа.
„Авганистан сега е среде целосен интернет-прекин, бидејќи талибанските власти започнаа со имплементација на морални мерки, при што повеќе мрежи беа исклучени во текот на утрото,“ соопшти набљудувачот за интернет-управување „Netblocks“.
Раководството на Талибанците јавно не се изјасни за националното исклучување и не е јасно колку долго ќе трае.
Сепак, на 26 септември, Хаџи Захид, локален портпарол на Талибанците во северната провинција Балх, на платформата „X“ напиша дека забраната била наредена од нивниот лидер, Хибатулла Ахунџада, „за да се спречат неморални активности.“
Талибанците се повикуваат на исламскиот шеријатски закон за оправдување на своите екстремистички политики. Но, исламските научници велат дека нема верски основи за одлуката на групата да го исклучи интернетот.
Видете и ова: Авганистан без музика, инструменти во пламенОваа блокада на интернетот е дел од поширока репресија врз индивидуалните слободи и слободниот проток на информации во Авганистан.
Од кога ја презедоа власта во 2021 година, Талибанците сериозно ги ограничија правата на Авганистанците, особено на жените, и насилно се пресметаа со сите облици на отпор.
Во разговор за Радио Машал на Радио Слободна Европа на 24 септември, портпаролката на американскиот Стејт департмент, Елизабет Стикни, изјави дека американската администрација внимателно ја следи ситуацијата.
„Овие извештаи се многу загрижувачки и ние не гледаме дека овие ограничувања им помагаат на луѓето во Авганистан. Напротив, тие ќе имаат негативно влијание врз животите на луѓето и врз економијата,“ рече таа.
Соединетите Држави и поголемиот дел од западните земји одбиваат да ги признаат Талибанците како легитимна влада на Авганистан, откако тие повторно ја презедоа контролата во 2021 година, по брзото повлекување на меѓународните трупи од земјата.