Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле за план за завршување на војната во Газа, но останува неизвесно дали Хамас, вооружена група означена од САД и ЕУ како терористичка, ќе ги прифати предложените услови.
На заедничка прес-конференција во Белата куќа на 29 септември, Трамп презентираше мировен план од 21 точка кој повикува на итно прекинување на огнот, ослободување на сите заложници во рок од 72 часа и формирање привремена администрација во Појасот Газа, јави АП.
Привремената администрација би ја предводел Трамп, заедно со поранешниот британски премиер Тони Блер, а би ја надгледувала меѓународна мисија поддржана од Обединетите Нации (ОН) и земјите од Заливот.
Планот не предвидува раселување на палестинското население, но повикува на разоружување на Хамас и крај на неговото владеење во Газа.
„Мислам дека веќе ја преминавме линијата „многу блиску. Сè уште не сме завршиле - мора да го добиеме Хамас“, рече Трамп.
Нетанјаху предупреди дека Израел ќе ја заврши работата ако Хамас го отфрли планот.
Трамп рече дека Израел ќе има „целосна поддршка“ од Соединетите Американски Држави ако Хамас го отфрли планот и потоа ќе биде слободен да продолжи со операциите против групата. Во исто време, Белата куќа изрази надеж дека брзо ќе се постигне договор.
„За да се постигне договор, двете страни може да бидат малку незадоволни. Но, така се постигнува мир“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Трамп претходно изјави дека по разговорите со арапските лидери минатата недела практично е постигнат договор за прекин на речиси двегодишната војна во Газа, ослободување на заложниците што ги држи Хамас и разоружување на Хамас.
Војната во Појасот Газа беше предизвикана од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските бројки, беа убиени околу 1.200 луѓе, додека 251 лице беше земено како заложник.
Во последователните израелски офанзиви во Појасот Газа, според здравствените власти на територијата контролирана од Хамас, беа убиени повеќе од 65.549 Палестинци.