Србија уапси 11 осомничени за расистички дејствa во Франција и во Германија

Илистрација

Полицијата во Србија уапси 11 лица, а уште едно лице се бара, поради сомневање за сторени кривични дела здружување со цел извршување кривични дела, расна и друга дискриминација и шпионажа, објави српското Министерство за внатрешни работи (МВР) на 29 септември.

Лицата се осомничени за извршување низа расистички дејства во Париз и Берлин, насочени кон еврејски и муслимански објекти.

Според МВР, осомничениот М.Г., кој е во бегство, дејствувал „по инструкции од странска разузнавачка служба“ и организирал и обучил 14-члена група српски државјани на територијата на Србија.

„Тие ги извршиле овие активности во периодот од април до септември 2025 година, со фрлање зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еврејски ресторан, со лепење налепници со „геноцидна“ содржина, со поставување свински глави во близина на муслимански верски објекти, сите во областа на Париз, како и пред Бранденбуршката порта во Берлин, со поставување бетонски „скелети“ со пишани пораки“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Видете и ова: Трагедијата на Холокаустот пред македонски студенти

На 27 септември, парискиот весник „Ле Монд“ објави дека француските истражители се сомневаат дека српски државјанин „наводно организирал две операции за дестабилизација насочени кон религиозни и монументални места во и околу Париз“.

Истражителите се сомневаат дека „операциите за странско мешање имале за цел да сеат раздор во француското општество“.

Весникот наведува дека оваа трага ги зајакнала сомневањата на истражителите за вмешаност на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која „дополнително е поткрепена со разузнавачки информации добиени преку соработка меѓу Франција и сојузничките земји“.

Сепак, француските истражители сè уште немаат конкретни докази за руска вмешаност, според „Ле Монд“.

Кон крајот на мај, непознати лица истурија зелена боја врз Музејот на холокаустот, три синагоги и еден ресторан во центарот на Париз, а ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот.

Три и пол месеци подоцна, на 9 септември, свинска глава беше оставена пред девет џамии во Париз, од кои на неколку беше напишано името на францускиот претседател.