Вкупно 635 институции доставиле податоци за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат односно 42 отсто. Податоци воопшто не доставиле 879 институции односно 58 отсто, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК).
Според Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на Локалните избори 2025 односно до 18 август да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.
Комисијата констатирала дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации.
Видете и ова: До почеток на изборната кампања, сите службени возила треба да бидат брендираниДКСК на својата интернет-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како законската обврска од Изборниот законик.
Исто така, за да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци.
Од вкупно 6.637 возила внесени во Регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.
Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.