Европската народна партија ги повика лидерите на СНС на разговори во врска со внатрешна истрага

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека тој и функционерката на таа партија и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ќе разговараат со Европската народна партија (ЕНП) на 22 октомври во врска со жалбите поврзани со владејачката партија во Србија.

Вучевиќ на 29 септември изјави дека верува оти сè ќе биде во ред со статусот на партијата во ЕПП.

„Ана и јас добивме покана, ако не се лажам, на 22 октомври да одиме во ЕПП на разговори во врска со овие жалби поврзани со СНС“, изјави тој за телевизијата К1.

Европската народна партија на 25 септември објави дека започнала внатрешна истрага во врска со улогата на Српската напредна партија во рамките на ЕНП.

„Ова не е официјален правен процес на суспендирање или исклучување во ЕНП, туку темелна и брза внатрешна истрага со отворени резултати“, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница.

ЕНП е најголемата групација во Европскиот парламент и ги собира популарните и конзервативните партии од десниот центар од цела Европа.

СНС, како партија од земја што не е членка на ЕУ, е нејзин придружен член од 2016 година.

Видете и ова: Собири на поддржувачи на владата и антивладини демонстранти во Србија, инциденти во Чачак и Богатиќ

Можноста за преиспитување на членството на СНС во Европската народна партија ја објави на 9 септември претседателот на парламентарната група на таа партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, наведувајќи дека „ЕНП не е слепа за настаните во Србија“, осврнувајќи се на десетмесечните антивладини демонстрации по смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.

На 9 септември, во Европскиот парламент во Стразбур се одржа дебата за антивладините протести во Србија.

Пред дебатата за Србија, лидерите на Европската зелена партија ги повикаа лидерите на ЕУ да размислат за понатамошно финансирање на Србија „поради автократските тенденции на нејзиниот лидер Александар Вучиќ“.

Видете и ова: Белград ги поддржува руските обвинувања за мешање на Брисел во протестите

Зелените, исто така, побараа реакција од институциите на Европската Унија на постапките на властите во Србија кон демонстрантите.

На дебатата за Србија на маргините на сесијата на Европскиот парламент, дел од европратениците се согласија и за потребата од испраќање мисија во Србија со цел да се процени ситуацијата на терен.

Единаесет месеци во Србија траат антивладини протести, на кои се бара политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад.