Соединетите Држави го разгледуваат барањето на Украина за купување ракети со долг дострел „Томахавк“ за одбрана од Русија, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од САД да им продадат „Томахавк“ на европските земји, кои потоа ќе ги испратат во Украина.
Венс за „Фокс њуз“ изјави дека претседателот Доналд Трамп ќе ја донесе „конечната одлука“ дали да го дозволи договорот.
„Секако разгледуваме голем број барања од Европејците“, рече Венс.
Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од 2500 километри, што би ја ставило Москва во дострел на арсеналот на Украина доколку Киев ги добие тие ракети. Русија речиси сигурно би го сметала таквиот потег како ескалација на војната во Украина.
Видете и ова: Русија изврши голем напад врз Украина, Полска ги крена борбените авиониТрамп претходно ги отфрли барањата на Украина за употреба на ракети со долг дострел, но е сè повеќе фрустриран од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на мировен договор.
Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изјави дека Трамп посочил дека Киев сега може да извршува напади со долг дострел против Русија.
„Мислам дека, читајќи го она што тој (Трамп) го кажа и читајќи го она што го кажа потпретседателот Венс, одговорот е да. Искористете ја можноста да удрите длабоко“, изјави Келог за Фокс њуз подоцна во неделата (28 септември).
Русија ја почна целосната офанзива врз Украина на 24 февруари 2022 година.