Бранко Блануша-кандидат на опозицијата за претседател на Република Српска

Бранко Блануша, кандидат на опозициската СДС за претседател на Република Српска

Бранко Блануша е кандидат на Српската демократска партија(СДС), најголемата опозициска партија во Република Српска(РС), за претседател на РС на предвремените избори закажани за 23 ноември.

Ова го одлучи Главниот одбор на СДС на седница во Бања Лука на 28 септември, потврди Александра Пандуревиќ од оваа политичка партија за Радио Слободна Европа.

Одлуката, како што рече, е донесена едногласно.

Блануша е член на Српската демократска партија во Градскиот комитет на Бања Лука.

Главните опозициски партии во Република Српска остануваат на ставот дека сакаат да одат заедно со еден кандидат што треба да го даде Српската демократска партија, која меѓу нив има најмногу пратеници во собранието на ентитетот.

Само Партијата за демократски напредок, предводена од градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, не ја изрази својата поддршка.

Видете и ова: Потпретседателот на Република Српска ги презема овластувањата од Додик

РС нема претседател од 18 август, кога Судот на Босна и Херцеговина го потврди одземањето на мандатот на Милорад Додик, откако беше потврдена неговата едногодишна затворска казна и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.

Од 25 до 29 септември продолжува регистрацијата на политички партии за предвремените избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ.

Регистрацијата на коалиции ќе биде можна на 6 и 7 октомври, а предизборната кампања ќе трае од 8 до 22 ноември.

Предвремените избори во БиХ ќе го чинат ентитетот околу 3,3 милиони евра, а парите ги обезбеди државното Министерство за финансии.